среда, 9 април 2025

Различни бројки и пресметки за трговската размена со САД и за царинските стапки

Минатата година нема увоз на производи од САД со повисока царинска стапка од 15 проценти. Министерството за одбрана е најголем увозник на производи од САД, велат од Царинската управа.

Објавено на

часот

Сподели

Од Царинската управа велат дека не постои царинска стапка од 65 отсто за увоз од САД и дека највисоката царинска стапка е 60% за увоз на цигари, но во последните неколку години цигари од САД не се увезени. Инаку оваа стапка од 60% за увоз на цигари се применува за сите држави.

„Треба да се појасни дека за одредени производи, од кои најмногу земјоделски, се применуваат мерки за заштита на домашното производство при што на царинската стапка која изнесува од 30 до 45 проценти се додава одредена вредност од килограм (прелевман) при што вкупната наплата на царината не смее да биде повисока од 65 проценти“, појаснуваат од Царинската управа.

На удар на високите американски царини од 33 отсто ќе се најдат индустриски, но и земјоделски и прехранбени производи кои од Македонија најмногу се извезуваат во САД. Македонија во САД извезува тутун во лист, мадраци, ајвар, полнети чоколада, електрични кондензатори, муниција и нејзини делови, други машини и уреди, електрични спроводници за во телекомуникациите. Покрај ова најголема ставка се автобусите од ВДЛ Ван Хоол, кои пред да заминат во САД, одат во матичната фабрика во Белгија, каде што се финишира производството и контролата и потоа бродски се транспортираат до своите одредишта.

Експертите велат дека токму автобусите на Ван Хоол можат да бидат една причините за разликите во податоците за вкупниот извоз и увоз меѓу двете земји. Според статистиката во Македонија ние имаме дефицит во размената со САД, а податоците од САД велат дека со Македонија имаат суфицит. А токму тоа е една од причините за формулата во одредувањето на „реципрочни царини“ на САД, што во случајот со Македонија е 33 отсто.

Според податоците на Државниот завод за статистика размената на Македонија со САД, лани изнесувала 314 милиони долари, наспроти 320,7 милиони долари во 2023 година. Извозот од Македонија во САД лани достигнал 118,2 милиони долари, што е за 2,2 пати (220 насто) повеќе од претходната 2023 година кога бил 53,6 милиони долари. Лани од САД биле увезени производи за 195,9 милиони долари, за 26,6 отсто помалку од 2023 година кога увозот во Македонија од САД бил 267 милиони долари.

Размената со САД, според ДЗС, во првите два месеци од годинава била 65,9 милиони долари и е за 56 отсто поголема од истиот период лани кога изнесувала 42 милиони долари. Притоа, биле извезени производи во износ од 38,8 милиони долари, речиси за четири пати повеќе од истиот период лани кога извозот бил 10,1 милиони долари. Во првите два месеци од годинава вредноста на увозот од САД бележи пад, или 27,1 милиони долари. Лани во истиот период увозот бил 32 милиони долари.

Од САД, според македонската Царина, најмногу увезуваме машини, електрични детонатори, барут, производи за индустриско склопување на возила, делови за возила, специјални возила, алуминиум хидроксид и полимери кои се царинат со царинска стапка нула, додека увозот на оружје е со царинска стапка 7 проценти, а на лешниците 15 проценти.

Македонските економисти деновиве изјавуваат дека македонската економија нема да претрпи голем удар од американските царини, но влијанието ќе дојде откако нашите главни трговски партнери, како што е Германија, ќе почне да ги чувствува последиците од овие мерки на администрацијата на Трамп.

Од Владата на Македонија велат дека ќе настојуваат со САД да се склучи договор за слободна трговија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ