понеделник, 9 јуни 2025
Конференција на високо ниво за миграцијата на работна сила во Западен Балкан се одржува во Будва

Претставниците на Западен Балкан подржаа заедничка изјава за политиките за миграција на работна сила

Министри и високи претставници од Западен Балкан денеска во Будва подржаа заедничка изјава за политиките за миграција на работна сила на конференцијата под наслов „Миграција на работна сила: Поддршка на економскиот раст во Западен Балкан“.

Објавено на

часот

Сподели

Настанот е организиран од Министерството за труд, вработување и социјален дијалог на Црна Гора и Советот за регионална соработка (СРС), во соработка со Меѓународната организација за миграција (МОМ), Меѓународната организација на трудот (МОТ) и Делегацијата на Европската Унија во Црна Гора.

Со заедничката изјава се поставува заедничка агенда за унапредување на регионалната координација на политиките, промовирање на етичкото вработување и развој на инклузивни системи за миграција на работна сила базирани на податоци, кои ги почитуваат правата на мигрантите и ги зајакнуваат услугите за интеграција. Овие напори имаат за цел да поттикнат отпорни пазари на труд, да го намалат несоодвествувањето на вештините и да го подобрат управувањето со миграцијата во согласност со стандардите на ЕУ.

Во своето воведно обраќање, генералниот секретар на СРС, Амер Капетановиќ, ја истакна потребата од итни и координирани регионални решенија.

„Миграцијата на работна сила не е веќе нешто што можеме да го планираме за утре – таа веќе денес ги преобликува нашите општества. За само пет години, бројот на издадени дозволи за работа на странски работници во Западен Балкан е зголемен за повеќе од двојно – од 46.000 во 2018 на над 100.000 во 2023 година. Истовремено, работодавачите низ регионот се соочуваат со тешкотии при пополнување на работните места, додека нашите граѓани се барани во странство. Оваа двојна реалност бара паметни, инклузивни и човекоцентрични политики. Во СРС веруваме дека правилно спроведената миграција може да ги надомести недостатоците во вештини, да ги заживее нашите економии и да го врати достоинството на трудот. Затоа инвестираме во регионални рамки што се усогласени со стандардите на ЕУ, ги штитат правата на работниците и им даваат фер шанса на луѓето да изградат живот – без разлика дали се родени овде или штотуку пристигнале,“ изјави Капетановиќ.

Во своето воведно обраќање, вицепремиерот за надворешни и европски работи на Црна Гора, Филип Ивановиќ, им се обрати на учесниците и истакна дека мобилноста на работната сила и миграцијата неодамна станаа клучни предизвици на јавната политика за регионот.

Воведно обраќање имаше и Артур Еркен, регионален директор на МОМ за Европа и Централна Азија, кој ја потврди поддршката на МОМ во регионалните напори поврзани со  миграцијата на трудот; Беате Андрес, помошник генерален директор на МОТ, која ја потенцираше потребата од добро функционални пазари на труд што ги штитат правата и поттикнуваат кохезија; и Оливие Ониди, заменик генерален директор на генералниот директорат на Европската комисија за миграција и внатрешни работи, кој ја подвлече поддршката на ЕУ за Западен Балкан во унапредувањето на договорите за мобилност на трудот со цел справување со недостигот.

Оваа дводневна конференција ги собира заедно министрите и други високи владини претставници, креатори на политики, меѓународни партнери и експерти со цел да се адресира едно од најгорливите прашања во регионот: како да се искористи миграцијата на работна сила како двигател на економскиот раст, регионалната соработка и интеграцијата во ЕУ.

Агендата на конференцијата вклучува дискусии за усогласување на националните политики за миграција со регионалните рамки, како што се Планот за раст на ЕУ, Заедничкиот регионален пазар и Скопската декларација за одржливо управување на миграцијата. Учесниците ќе ги разгледаат и начините за промовирање на етичкото вработување, поддршката на интеграцијата на мигрантите и зајакнување на управувањето базирано на податоци.

Додека економиите на Западен Балкан се соочуваат со растечки недостиг на работна сила, особено во секторите на градежништвото, дигиталната економија, земјоделството, туризмот и здравството, учесниците на конференцијата ја истакнуваат улогата на меѓународното вработување и потребата мигрантите да се третираат како економски придонесувачи во еден променлив демографски контекст.

Оваа конференција претставува значаен исчекор во градењето на отпорни и инклузивни системи за миграција на работна сила во Западен Балкан, како и системи усогласени со ЕУ, одразувајќи заедничка визија дека доколку миграцијата е добро управувана, таа може да биде катализатор за раст, стабилност и одржлив развој.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ