Настанот, одржан во сала на Владата, ги собра претставниците на ресорните министерства, општините и јавните институции, кои уште еднаш го потврдија значењето на систематското прибирање и анализа на релевантни податоци за неколку илјади јавни згради низ земјата.
Во своето обраќање, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја нагласи реформската важност на овој процес:
„Ова е реформска алатка што ни овозможува – конечно – да имаме точна и целосна слика за тоа како функционира јавниот сектор низ призма на енергетската ефикасност. За првпат, на едно место ќе ги обединиме податоците за потрошувачката на енергија, емисиите, состојбата на објектите и потребите за реновирање. Тоа знаење е нашата најсилна почетна точка. Без точни и прецизни податоци нема ниту паметни политики, ниту добри инвестиции, ниту одржлива енергетска иднина. Ова не го правиме за да исполниме формална обврска – го правиме за да изградиме јавни простори кои се енергетски ефикасни, отпорни и современи. Простори што ќе значат помали сметки, помали трошоци и пофункционални згради – и за институциите, и за граѓаните кои секојдневно ги користат.“
Директорот на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) за Северна Македонија, Давид Оберхубер, истакна дека Националниот инвентар не е само технички процес, туку обврска кон иднината:
„Инвеститорите – домашни или меѓународни – финансираат она што е мерливо. Овој инвентар ќе ѝ даде на Северна Македонија јасна слика за она што ѝ е потребно, но исто така и силна основа да привлече средства за реновирање на јавните згради, за намалување на енергетската потрошувачка и со тоа да станат институции подобри за граѓаните. GIZ останува целосно посветен на оваа соработка.“
Обраќање имаше и Даме Димитровски, претседателот на Советот на Град Скопје, кој ја нагласи еколошката и економската димензија на процесот:
„Јавните згради во Македонија се меѓу најголемите потрошувачи на енергија и воедно значителен извор на емисии – не само CO₂, туку и цврсти честички кои влијаат на квалитетот на воздухот во нашите градови. Секој чекор кон нивна модернизација и подобрување на енергетската ефикасност значи не само исполнување на обврските кон Енергетската заедница и меѓународните договори, туку и почист воздух, поздрави заедници, подобри услови за работа и економски поодржливи јавни институции. Како Влада, ја препознаваме важноста на ова прашање. Во изминатите години започнавме со подготовки на низа стратешки документи и програми за енергетска ефикасност, реновирање и модернизација на јавните објекти.“
Националниот инвентар – клучна алатка за идните инвестиции
Јавните згради – болниците, училиштата, административните објекти и културните институции – се меѓу најголемите потрошувачи на енергија во државата. Промената во управувањето со овие згради е неопходна, бидејќи јавниот сектор има обврска да го покаже патот: да биде пример за рационално, одржливо и одговорно користење на енергијата.
Националниот инвентар ќе овозможи: систематска процена на енергетската состојба на секоја јавна зграда, дефинирање приоритети за реновирање, изработка на инвестиционо портфолио, поефикасно буџетско планирање и подобрени услуги за граѓаните.
Овој процес е дел од проектот Партнерство за енергетска ефикасност на згради (PEEB Cool), финансиран од Зелениот климатски фонд, Француската агенција за развој (AFD) и Германската влада преку GIZ, соопшти Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.






