среда, 17 декември 2025

МЗ демантира дека била изгубена медицинската историја на пациентот што денеска починал пред Онкологија

Во врска со случајот со починатиот пациент на Клиника за онкологија, Министерството за здравство информира дека пациентот е донесен во исклучително тешка состојба, со четврти стадиум метастази на коски, што било констатирано пред една година и била дадена терапија. Од страна на медицинскиот тим веднаш била иницирана постапка за обезбедување крвен дериват, се вели во соопштението на Министерството за здравство во врска со случајот на пациентот кој денеска починал на клиниката.

Објавено на

часот

Сподели

„За жал, додека трае оваа процедура, пациентот починал и покрај сите преземени мерки. Исто така, потенцираме дека семејството на пациентот одбило да се изврши обдукција. Наводите за губење на медицинската историја на пациентот се неточни, ниту имаат каква било поврзаност со третманот на пациентот“, се нагласува во соопштението.

Министерството за здравство упатува апел до јавноста за почитување на интегритетот, достоинството и професионалноста на сите лекари и здравствени работници. Вербалните и физички закани не смеат да бидат дел од општеството кое се стреми кон хуманост и грижа за здравјето.

„Секојдневната работа на Клиниката за онкологија и радиотерапија, но и на другите здравствени установи, носи големи предизвици и емоционален товар. Медицинските тимови постојано се соочуваат со тешки состојби и неизвесни исходи, вложувајќи максимални напори во спасување животи и обезбедување највисок можен квалитет на грижа“, наведува министерството.

Министерството уште еднаш потсетува дека лекарите се сојузници на пациентите и нивните семејства.

„Само преку заемна доверба, почит и поддршка можеме да изградиме здравствен систем кој обезбедува хуман и безбеден третман за сите“, се наведува во соопштението на Министерството на здравство.

Дел од медиумите претходно објавија дека пациент денеска починал пред Клиниката за онкологија, по неколкучасовно чекање во чекалницата на клиниката, а неговата медицинска историја била изгубена, поради што не можел да биде примен.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ