„Фестивалот претставува жив сведок на богатството на македонската култура, уметност и традиција и испраќа јасна порака дека македонскиот идентитет не познава граници. Наша обврска е да го зачуваме и промовираме, секаде каде што чука македонско срце”, потенцираше министерот Тошковски.
Во рамки на посетата на Пустец министрите остварија средба со градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски со кого разговараше за конкретни начини на поддршка од страна на македонската држава.
„Како Министерство за внатрешни работи, подготвени сме да го олесниме процесот за издавање на лични документи на оние жители кои имаат македонско државјанство и да преземеме мерки за олеснување на граничниот проток на преминот Стење, особено во сезоната на берба на јаболка, кога многу жители од овој крај доаѓаат на работа во Ресенскиот регион”, истакна министерот Тошковски.
Присутните синоќа имаа чест да го проследат настапот на велешкиот театар – силна потврда дека македонската култура обединува, каде и да се наоѓа.
„Мала Преспа е прекрасна, но уште повредно е чувството дека македонскиот дух тука живее силно и гордо”, рече министерот Тошковски.

„Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата Влада – заедно со посветеноста и ангажманот на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави.
На средбите со Македонците од Албанија ги слушнавме нивните предизвици и заеднички се обврзавме дека поддршката нема да остане само на зборови. Преку конкретни проекти и активности, ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ја чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој значаен дел од Балканот. Искрена благодарност за поканата – секогаш со задоволство ќе се враќаме тука, меѓу нашите Македонци“, напиша на својот фејсбук-профил Тимчо Муцунски.
„Културата што ја славиме денес, и јазикот што го зборуваме, се поголеми од секоја граница што географијата ја испишала. Тие се нашата врска, нашето заедништво, нашиот најсилен мост. А токму овие фестивали каде се сретнуваат сликата, зборот, песната и играта се жив доказ дека границите неможат да го спречат срцето да чука во иста ритмика, македонска“, напиша Љутков на својот фејсбук-профил.