„Не е различен од денот кога Илинденците, иако свесни за мали шанси, го кренаа востанието, не како воен план, туку како акт на достоинство. Не е поразличен од тишината што остана по Солунските атентати, кога пораката беше јасна: слободата се заслужува, не се чека. И не е ни поинаков од раното утро на 11 октомври 1941 година, кога првите партизани од Прилеп и Куманово тргнаа во борба против фашизмот, не затоа што беа најсилни, туку затоа што имаа сопствена идеологија, цел и беа најхрабри. Тие не чекаа наредби, не чекаа гаранции. Знаеле само едно, дека ако сакаме слобода, мораме сами да ја извојуваме. И затоа, секоја борба за правда денес е продолжение на нивната жртва. Секоја победа е одговор на нивниот повик: Македонија да биде слободна, праведна и своја“, рече Димитриевски.
За него вчерашниот ден потсетуваше на продолжение на тој завет.
„Колку пати слушнавме за ‘позитивен извештај’? Колку пати нè нарекоа ‘пример за регионалниот напредок’? И колку пати тоа не значеше ништо, освен ново понижување, нов услов, ново бришење на она што сме?! Вчера бевме сведоци на уште една страница од истата книга, книгата на македонскиот отпор, на истрајноста, на постојаното исправување по секое удирање. Македонија поминува низ повторена историја. И ако не се спротивставиме, ако не поставиме јасна, достоинствена,
државна позиција, тогаш ќе станеме народ што не учи од својата жртва“,
рече Димитриевски.
Тој верува дека извештај што личи на притисок, ќе нѐ обедини не околу политика, туку околу Македонија.
„Ние ја сакаме Македонија во Европската Унија. ЗНАМ токму за тоа се залага. Но не сакаме Македонија без Македонци. Не сакаме членство што ќе го платиме со негирање на сопственото постоење. Европа треба да биде простор на
вредности, не на уцени. Ако ЕУ дозволи еден нејзин член, како што е Бугарија, да ги претвори преговорите во средство за историски реваншизам, тогаш таа дозволува
унија во која слабите се жртви, а силните го прекројуваат идентитетот на
соседот. Грчката пратеничка во Европскиот парламент, Афродита Латинопулу, од
удобноста на европските клупи, изјави дека била ‘вистинска горда Македонка, а не лажна како резидентите во Скопје’. Добредојдена е во нашата Македонија – кога и да посака. Но да знае: вистинските Македонки не даваат изјави за аплауз, туку се борат овде, секој ден. Како словенечката пратеничка Ирена Јовева, која со исправена глава, на македонски јазик, им се обрати на бугарските колеги и им порача: ‘На македонскиот народ не му треба дозвола да постои – вам ви треба храброст да го признаете тоа’. Тоа е разликата: едната негира нација, другата е гласот на достоинството и вредноста на Европската Унија“.
Димитриевски посочи дека Република Бугарија води политика на културна
агресија, со дипломатија на бела ракавица и со историско фалсификување. Тоа што не го завршија со еврејската заедница во Македонија во 1943, сега се обидуваат да го сторат со целиот македонски народ, рече тој.
„Но, македонскиот народ постои. Преживеавме империја, асимилација,
колонизација и геноцид. Ќе ја преживееме и оваа нова закана. И нема да
молчиме. Тие не нè напаѓаат со оружје, туку со параграфи, услови и напишани ‘пријателства’ во анекси и протоколи. Не сакаат само да се согласиме со нив, туку инсистираат да се откажеме од себе. Кога гостував во бугарските медиуми, не отидов да им се допаднам, туку да им ја кажам вистината: дека Гоце Делчев не е нивен, туку наш национален херој. Дека Илинден не е нивен празник, туку нашиот симбол на слобода и достоинство. Дека Македонците постоеле, постојат и ќе постојат, со или
без нивна согласност“.
За Димитриевски нема никаква дилема дека ова е долгогодишна и системска
политика на Бугарија на негирање и ревидирање на нашата историја, идентитет, јазик и култура.
„Нема да дозволиме тоа да продолжи, затоа што нашето право да постоиме како Македонци е неотуѓиво. Трагедијата е во тоа што овде, во Скопје, токму на ваквата политика ѝ се отвори ширум вратата и започна токму од нашите дворови. „И тоа преку изјавите на поранешниот Претседател на државата, Стево Пендаровски, човекот кој не само што јавно се декларираше како творец на Францускиот предлог, туку и без срам изјави дека Гоце Делчев бил Бугарин, потоа преку Зоран Заев, кој со потпишувањето на Преспанскиот договор го замени македонскиот идентитет со ‘коса црта’, да потсетам, воcграфата наместо „Република Македонија“ мораше да стои ‘коса црта’, тоа
беше забетонираниот идентитет што ни го остави Зоран Заев, срамна формула за постоење без јасност, без достоинство, без државнички став. Потоа, преку поранешниот претседател на Владата, Димитар Ковачевски, кој потпиша договор без консултација со народот, се до министри кои ги променија учебниците, не заради вистината и историјата, туку заради наредба. Тоа раководството на СДСМ го внесе бугарскиот наратив во институциите. Претходната Влада го внесе сомнежот во македонското дете. Тие го наметнаа прашањето – Кои сме ние?, но и ги остави младите без одговор! Зоран Заев едновремено изјави дека историјата ќе ја оставиме на
историчарите. Но вистината е поинаква, тој ја предаде историјата, идентитетот и
достоинството на народот, ја распродаде“.
Димитриевски потенцира дека пред историјата ќе стои само едно прашање: „Што направивте за Македонија кога најмногу беше потребно?
„И одговорот ќе биде: Се продадоа. А нè оставија нас да се бориме. Ние, во ЗНАМ, го даваме нашиот одговор. Ние стоиме на браникот на идентитетот, не затоа што тоа е лесно, туку затоа што тоа е исправно. Македонскиот народ не бара повеќе од другите.
Но не прифаќа да биде помал од било кого. Затоа нашата борба не е против Европа – туку за Европа на рамноправни народи. Нашата борба не е против интеграцијата – туку против асимилацијата. Нашата борба не е за да бидеме ‘послушни’, туку да останеме свои. И токму затоа, dвижењето ЗНАМ ќе биде политичката сила што ќе ја обедини Македонија. Не врз партиски интереси, туку врз народна кауза. Ние од ЗНАМ за Наша Македонија нудевме и сеуште нудиме решение, преку Нaционалната платформа за македонско национално единство – документ кој ги дефинира црвените линии на македонскиот национален интерес и повикавме сите политички партии да ја прифатат. Но господата од СДСМ, наместо барем да ја прочитаат, ја отфрлија во
првиот момент. Не затоа што имаа аргументи, туку затоа што ги засрамува! Затоа што секој ред во таа платформа е сведоштво за нивната капитулантска политика и молкот кога требаше да застанат во одбрана на македонскиот идентитет. Македонија има кој да ја брани. И Македонија има за што да живее. Ќе го продолжиме заветот од Илинден и пораката од АСНОМ.Ќе изградиме држава во која никој нема да се срами да каже дека е Македонец“.
Димитриевски смета дека со потпишување на една заедничка платформа и декларација на сите политички субјекти во Македонија, ќе се покаже општо единство, при тоа не земајќи ги во предвид досегашните направени грешки од сите претходници
и политички елити. Тоа на Македонците и на македонскиот народ му е
потребно, рече Димитриевски.
Запрашан каде го гледа решението со проблемот со Бугарија, тој одговори:
„Времињата кога Македонија и македонското прашање се решавани на релација Софија, Атина, Белград се минато. Имаме партнери во меѓународната заедница, ќе зборуваме и ќе бараме разбирање.Тоа е всушност улогата на дипломатијата. На Македонија и е потребно национално обединување како никогаш досега. Доколку имаме елементи кои од внатре не гушат, тогаш стануваме послаби. Македонија е една од главните стратешки точки на овие простори и те како имаме и со што имаме да се договараме и со регеионалните, а и со големите светски сили“.
На прашањето дали го подржува ставот за уставните промени и дали се за ЕУ, Димитриевски рече: „Барањата кои доаѓаат од официјална Софија и се потврдија со една нова резолуција пред месец и половина се веќе депласирани. Она што се случи
во Европскиот парламент, национализам, па дури и етношовинизам од поединци претставници кои доаѓаат од соседна Бугарија, но за жал и од соседна Грција, потврдуваат дека ние веќе не разговараме за промени на Уставот. Тоа што го тврдевме пред повеќе од две ипол години дека ова не е единственото барање упатено до Македонија се потврдува денес. Одредени политички елити тоа не го признаваа. Верувам дека сега сите ќе се свестат и ќе работиме малку поорганизирано. Очекувам и нови барања, и доколку Европа сака да функционира така, тогаш нека си ги чува, а ние ќе го бараме нашиот пат и своето решение. Со сопствени сили до таму каде што можеме. Можам да гарантирам, како партиципиент во власта, дека ЗНАМ ќе остане на својот европски курс, но ќе се свртиме кон себе си и ќе бараме дополнителен начин како да го продобриме животот на граѓаните“.