Конечниот исход со отстранувањето на формулациите „македонски јазик и идентитет“ од извештајот за Македонија, формално Европскиот парламент го оправда со ставот дека ЕУ и европските институции не се „надлежни“ да признаваат, одрекуваат, креираат или дозволуваат нечиј национален идентитет. Можеби таквиот изговор би бил прифатлив и принципиелен доколку во расправата за извештајот не се случеше неконтролиран националистички изблик на бугарските и грчките европарламентарци со елементарно непристојни негирања и навреди за споменатиот македонски јазик и идентитет.
Но, таквиот став на Европскиот парламент за „ненадлежност“ врз националните идентитети и јазици, некако е во директен судир со условите на ЕУ во преговарачката рамка за Македонија, со кои освен што се бара Бугарите да бидат внесени во македонскиот Устав, со два протокол-амандмани се очекува и бара преку Историската комисија да се усогласи „заедничката историја и националните наративи“ со Бугарија. Искажано со многу ЕУ-еуфемизми, но Унијата всушност бара и очекува од Македонија да ја прифати бугарската историја како своја, да го предефинира својот национален идентитет за да ги започне преговорите за членство, кои се на „стенд бај“ 20 години. Изгледа како ЕУ и нејзините институции кога се во прашање националните идентитети да имаат различни одговори, во зависност од тоа кој прашува.
„Фамозната“ историската комисија додадена во преговарачката рамка од ЕУ (институцијата која не расправа за национални идентитети) е всушност скапо политичко тело, производ од Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, во кое историчари од двете држави треба да утврдат моменти и личности од некоја замислена „заедничка историја“. Резултат од 6-7 годишното постоење на оваа комисија е инсистирањето на бугарската страна, Македонија да ги прифати своите македонски историски личности и настани – како бугарски! Присуството на таков „некопенхашки“ елемент, како историска комисија, во документ како преговарачка рамка на ЕУ за Македонија, кој се темели на Копенхашките критериум, само по себе ги прави дискутабилни европските вредности и принципи. А по „чудниот случај“ со македонскиот идентитет и јазик во Европскиот парламент и непримерните реакции на бугарските и грчките претставници, се чини акутно е доведена во прашање смислата на постоење и функционирање на оваа историска комисија. Случувањата по гласањето на извештајот во ЕП, во Македонија сѐ погласно се артикулираат ставовите околу можното распуштање на историската комисија.
Поранешниот македонски амбасадор, Ристо Никовски смета дека откажувањето на вториот протокол, додаден на предлог-преговарачката рамка, во кој е внесен условот со резултатите од работата на историската комисија, ќе го разврзе јазолот на ултиматуми заплеткан во т.н. француски предлог за Македонија.
„Настаните во Европскиот парламент јасно покажаа дека ние сме на потег и дека мора да се преземат радикални чекори ако сакаме да излеземе од темниот тунел и тесниот ќорсокак. ЕП јасно покажа дека проблемите што ги имаме со Бугарија и со Грција не може да се решаваат ни во Стразбур, ни во Брисел, ни во Вашингтон, туку директно во Софија и Атина. Топката е во нашиот двор и ние немаме никаков избор, освен под итно да го откажеме вториот протокол со Бугарија, со што автоматски паѓа во вода ултиматумот да го менуваме Уставот, како и самата преговарачка рамка со која никогаш нема да влеземе во Унијата.
Крајно наивно е да очекуваме дека меѓународната заедница ќе нè ослободи од обврските што сме ги прифатиле како држава. Истите треба или да ги откажеме, или да ги исполниме. Трето нема!“ , вели категорично македонскиот дипломат Ристо Никовски.
Универзитетскиот професор и поранешен директор на Институтот за национална историја, историчарот Тодор Чепреганов, вели дека од самото формирање, постоењето на историските комисии со Бугарија, но и со Грција е апсурд по повеќе основи.
„Штом прифаќате да влезете во разговор со некого за ‘заедничка историја’, давате на знаење дека не сте сосема начисто со сопствените историска вистина, колективна меморија, што значи и со националниот идентитет. Неодамнешните случувањата во Европскиот парламент при гласањето за извештајот за Македонија и националистичките тиради на бугарските и грчките претставници против македонскиот јазик и идентитет, ја покажа сета бесполезност и бесмисленост на постоењето на тоа политичко тело, наречено „заедничка историска комисија“ (всушност многу подолго е името) меѓу Македонија и Бугарија. По тие случувања и изливи на национализам против македонското постоење, како да седнете и да разговарање за својата историја која треба да биде ‘заедничка’, а ве негира дека постоите. И тука бугарските националисти запаѓаат во еден парадокс – велат дека Македонците, македонскиот идентитет и јазик не постојат, а ги негираат. Негираат нешто што според нив не постои! Секој народ си има своја колективна меморија, а таа е различна кај Македонците и Бугарите. Во колективната меморија на Македонците ги нема Васил Левски, ниту Аспарух. Дали за да имаме „заедничка историја“, наместо за Античка Македонија треба во нашите учебници да се учи за Тракија, и Македонците да прифатат татарско потекло? Историската комисија едноставно не треба(ше) да постои, а веќе не е ни политички опортуно нејзиното постоење. Таа може да работи 20-30 години, по примерите што често се наведуваат на француско-германската или полско-германската историска комисија. Но нашата, македонска стапица е што таа комисија е некаков услов за почеток на преговори. И научно-историски, и политички, а најмногу за националното достоинство, нема аргументи за постоење на таа апсурдна заедничка историска комисија и секако треба да се распушти, напушти или укине!, вели историчарот Тодор Чепреганов.
Јасминка Павловска