„Мојата посета на Демирхисарско беше закажана уште во почетокот на август. Искрено бев шокиран од написите што ги имаше по социјалните медиуми дека меморијалната соба на Петре M. Андреевски е во очајна состојба и дека не се чуваат ракописите дека имаат влаг, мувла, по што веднаш реагирав иако не е од мои ингеренции. Го видов натписот и веднаш уште ноќта додека бев на ‘Охридско лето’ реагирав кај градоначалникот да провери. Тој веднаш испрати екипа утрото сабајле во седум часот, да не нешто се случило во меѓувреме, но собата беше во таква состојба каква што ја видовме и вчера во медиумите. Чиста средена без влага, без мувла, зачувани предметите, оние предмети што семејството ги има донирано во Меморијалниот центар, освен ракописите коишто фамилијата ги има дадено да се чуваат во МАНУ, а не во Меморијалната соба“, нагласи Љутков.
Повтори дека сите гласини дека таму има несоодветни услови за личните предмети на Петре М. Андреевски се тотална невистина.
„Единствено крах што се има случено таму е во 2021 година при огромни врнежи од дожд и од снег, пукната е една цевка на вториот спрат, но од сегашниот градоначалник веднаш е санирана и сега можете да видите само една мала напукнатина која што не предизвикува никаква штета на предметите. Повторно би ги замолил и оние кошто имаат тенденција понатаму да пишуваат или да шират некакви гласини, ние сме отворени како Министерство за сите прашања и ќе им ги дадеме точните одговори“, рече Љутков.
Потсети дека на брифинзите со новинарите информираат точно за сите состојби во делот на културата, со цел, како што посочи, да нема повеќе вакви лажни дојави, лажни информации како што беше за ликот и делото на Петре М. Андреевски за Меморијалната соба.
„Секогаш кога ќе стигне до мене информација или до Министерството дека е потребна некаква помош за да дислоцираат одредени вредни спомени, ракописи, предмети на нашите автори, на нашите великани, секако дека ќе обезбедиме услови. До мене таа информација дека се чуваат несоодветно, не е стигната. Така да доколку се побара помош од наша страна, секако дека ќе излеземе во пресрет“, истакна Љутков.
Љутков вчера беше во посета на Демирхисарско, каде што ја разгледал меморијалната поставка посветена на великанот на македонската книжевност, Петре М. Андреевски, во неговото родно село Слоештица. Тој посочи дека состојбата на меморијалната соба не е онаква каква што неодамна била претставена во јавноста.
„Лично се уверив дека меморијалната соба не е запоставена и дека сите објави во јавноста се невистинити. Во неа има само лични предмети и фотографии на македонскиот поет, романсиер, раскажувач и драмски автор кои се во солидна состојба, а условите за нивно чување се соодветни. Воедно, загриженоста за ракописите е неоснована, бидејќи тие се безбедно зачувани во МАНУ“, рече вчера Љутков.
На археолошкиот локалитет Скупи денеска беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Министерството за култура и Германскиот археолошки институт, претставуван од Римско-германската комисија. Љутков изрази задоволство од воспоставената соработка, нагласувајќи ја нејзината стратешка важност.
„Археологијата е значаен сегмент од културно-историскиот мозаик на нашата земја и претставува непроценливо наследство за идните генерации. Ние сме должни да го истражуваме, да го заштитиме и да го афирмираме тоа наследство бидејќи секој археолошки наод е жива врска помеѓу минатото, сегашноста и иднината“, рече министерот.

Соработката ќе овозможи размена на знаења, методологии и заеднички истражувања, со што се очекува унапредување на научните стандарди и меѓународната промоција на македонското културно наследство.
„Овој меморандум претставува силна основа за унапредување на стручната и научната афирмација на нашите археолошки откритија, преку примена на современи методолошки принципи, обработка на материјални докази и нивна промоција во меѓународен контекст. Истовремено, соработката ќе придонесе за развој на културниот туризам како една од стратешките насоки на европската културна политика во 21 век, а со тоа археолошките локалитети ќе добијат нова димензија – не само како научни туку и како туристички атракции кои ја раскажуваат историјата на нашата земја пред светот“, истакна министерот.
Заменик-директорот на Германскиот археолошки институт, Лукас Вертер, истакна дека соработката ќе се заснова на научни истражувања кои потоа ќе бидат достапни за сите заинтересирани за локалитетот.
„Се радуваме на нашите заеднички активности на овој локалитет кој има многу скриени нешта во земјата кои сакаме да ги обелодениме на луѓето и да ги изградиме капацитетите на Скупи“, рече тој.
Дополнително, беше потпишан и втор документ од страна на Музејот на град Скопје, со што започнуваат првите конкретни чекори кон реализација на оваа соработка. Очекувањата се дека партнерството ќе придонесе и за развој на културниот туризам, позиционирајќи археолошките локалитети како атрактивни дестинации на европската културна мапа.






