„Ваквите измени ќе значат силен поттик на демократизација на изборниот процес и на државата во целина, како и демонтажа на ‘еднопартискиот систем’ на владеење и зголемување на одговорноста на извршната и законодавната власт“, вели Трајанов.
Во процесот на носење на круцијални одлуки, додава тој, ќе бидат вклучени повеќе партии и ќе зајакнува законодавна контрола над извршната власт.
„Со измените, зад секој пратеник ќе стојат ист број на гласачи, а не како досега во изборна единица 6, пратеник да се бира со 6.300 гласа, а во изборна единица 3, со 10 илјади гласа. Предлагаме да остане пропорционалниот модел, без изборен праг, а пратениците да се пресметуваат по Донтовиот модел. Со предлогот се овозможува и самостоен настап на партиите од помалите етнички заедници и се гарантираат места во парламентот, доколку имат поддршка од гласачи потребни за пратеник“, истакнува лидерот на ДС.
Во врска со идејата за отворени листи тој укажа дека таа сè уште не е добро проучена, а искуствата во другите држави покажале многу слабости.
„Предлагаме на претстојните локални избори да се почне со отворени листи за советници само во неколку општини (Центар, Струга и Гевгелија)“, напомена Трајанов.
Според него, предлог-законот за измена на изборниот законик, можат пратениците да го дополнат и со забелешките на ОБСЕ И ОДИХР.
Демократскиот сојуз, нагласуваат од партијата, повеќе од 15 години ја актуализира потребата од коренити измени на изборните правила, идеја која има и огромна граѓанска поддршка, но досега оваа заложба беше блокирана со флоскулата „општ консензус“. Последниот обид (предлог поднесен во 2022 година) за Македонија да биде една изборна единица беше блокиран од СДСМ и ДУИ.