МКД.мк објави дека Ќазим Брахими „на 16 април од охридската полиција бил фатен со дрога која се обидувал да ја пренесе во Скопје. Тој бил фатен со уште едно лице, а возилото рено (СК7632АС) е службено возило на МНР“.
Во писмото од адвокатот се вели дека со овие објави, „кои се со невистинита содржина, на мојот клиент Ќазим Брахими му е нанесена штета на честа и угледот, поради што во смисла на одредбите од членот 12 од Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда Ви се обраќаме со барање јавно да се извините за нанесената клевета на ист начин на кој се пласирани објавите со невистинита содржина, а содржината објавена на 6 јуни на порталот www.mkd.mk под наслов „Шофер во МНР фатен со дрога, од април случајот се крие“ да ја отстраните.
На Брахими му се извинуваме за објавените информации кои МКД.мк ги доби од охридската полиција, преку писменото официјалното барање упатено до МНР на 21 мај. Во тоа писмо на охридската полиција до МНР се вели дека „возилото рено било запрено во Охрид. OKП ОНТДО при СВР Охрид располага со оперативни сознанија дека на ден 16.04.2024 година околу 22 часот две непознати лица со возило рено со рег.озн СК 7632 АС кое во системот на МВР евидентира на Министерството за надворешни работи се наоѓале на подрачјето на град Охрид, и со наведеното возило извршиле кривично дело во областа на недозволената трговија со наркотици, односно транспорт на наркотици од Охрид кон Скопје“.
На ова писмо потпишани се речиси сите први луѓе на полицијата во Охрид: началник на ОКП Билјана Неделкоска, началник на СВР Охрид Игор Смилески, дополнителен заменик на началникот на ЦДР Охрид Жарко Лазароски, изготвил виш инспектор Зоран Бошкоски.
Инаку МКД.мк ја објави и реакцијата на МВР за овие пишувања на МКД.мк и демантот на Брахими.






