Најновото новинарско истражување на медиумот „Фактор“ на оваа тема открива дека месечниот хонорар на членовите на оваа комисија стигнал речиси до 2.000 евра . Според она што е наведено на алатката „отворени финансии“, месечниот хонорар на координаторот на македонскиот дел од комисијата изнесува 120.000 денари, а останатите членови добиваат по 110.000, односно 104.000 денари…
Македонските историчари од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Македонија и Република Бугарија на редовно месечно ниво ги исплаќа Министерството за надворешни работи и трговија.
„Изненадувањето“ од овие податоци од „отворени финансии“ е дека и покрај постојаните барања на македонската јавност, историските експерти, па и на политичките чинители за укинување на оваа комисија, од самото нејзино формирање, хонорарите на нејзините членови се всушност зголемени за 78 отсто.
Од почетокот на постоењето на комисијата, пред 7-8 години, хонорарите на членовите изнесуваа околу 60.000 денари (1000 евра), додека координаторот добиваше 74.000 денари, што и во денешни услови со пресметана инфлација е повеќе од солиден надомест, со оглед дека комисијата со нејзиниот бугарски еквивалент одржува состаноци два до три пати годишно.
Од Министерството на надворешни работи информираат дека висината на надоместоците на членовите на историските комисии останува непроменета и е утврдена со одлука на претходната влада. Актуелната влада, како што велат од МНР, има донесено одлука само за „измена во составот на комисиите, без интервенција во висината на нивните примања“.
Владата уште во септември лани на седница за претседател (координатор) го назначи Ванчо Ѓорѓиев, професор на Факулетот за историја во Скопје. Други членови се Александар Литовски, Митко Панов, Сашо Додевски, Бесник Емини и Димитар Љоровски.
Освен Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Македонија и Република Бугарија, постои уште една „заедничка комисија“ со Грција, формирана како обврска од Преспанскиот договор, чијашто работа не е толку во фокусот на јавноста и нема многу информации за динамиката на нејзиното функционирање. Но членовите и на таа комисија, веројатно редовно го добиваат надоместокот од МНРиНТ за членувањето во неа.
„Спецификата“ на заедничката историска комисија на Македонија со Бугарија, е што резултатите од нејзината работа на некој начин претставуваат услов за текот на преговорите ( кога и ако започнат) на земјава со Европската Унија. Таквата улога на македонско – бугарската историска комисја ѝ е „доделена“ со вториот анекс-протокол на преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, попозната како „француски предлог“. Внесувањето на историската комисија во преговарачката рамка (засега сè уште предлог), само ја зголемува контроверзијата на евроинтеграциите на Македонија, зашто претставува целосно отстапување од Копенхашките критериуми за проширување на ЕУ. Од голем дел на македонска јавност постојано се бара укинување на оваа историска комисија, или со целосно раскинување на Договорот за добрососедство со Бугарија, или дури нејзиното напуштање од страна на македонските историчари да биде причина за раскинување на договорот.
Поранешниот директор на Институтот за национална историја на Македонија, Тодор Чепреганов, правејќи споредба, заклучува дека во осумдецениското постоење на ИНИ, нема добиено толку средства за истражување, колку што за 7-8 години се потрошени за историската комисија.
„Толку пари се вложија во таа историска комисија, колку што сите институции со национален предзнак не прават годишни трошоци. Ако таа комисија се користи за политички цели, за овие 7-8 години може да се заклучи дека тоа се залудно потрошени пари, без никаков ефект, па дури ниту политички. Уште една споредба би направил – Институтот за национална историја на Македонија, во своето осумдецениско постоење нема добиено толку пари за истражувања, колку што се потрошени за оваа политичка историска комисија. Но се сомневам дека во Македонија има политичка храброст за нејзино укинување. Комисијата воопшто не треба да постои во преговарачката рамка на ЕУ за Македонија и воопшто самото нејзино постоење со цел да утврди ‘заедничка историја’ на Македонија со Бугарија е апсурд“, вели историчарот Тодор Чепреганов.
Има уште еден политичко-финансиски парадокс во самата одредба за историска комисија во Договорот за добрососедство со Бугарија. Дури и таа комисија да биде отстранета од преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, постојат предлози таа да продолжи да функционира независно, наводно на научна основа, дури и под закрила на УНЕСКО, по примерот на слични историски комисија меѓу Франција и Германија, или Германија и Полска, кои работат 5-6 децении. Таквата опција, се чини би била уште „подобитна“ за членовите на историската комисија.
Ј.П.






