четврток, 29 мај 2025

Ако е мудар, Ахмети наместо да се заканува, ќе направи реформи во ДУИ, смета премиерот

Ако е мудар како што се претставува, Ахмети ќе извлече поука и наместо да се заканува, ќе направи структурни реформи, и програмски и кадровски во неговата партија и со нови ликови, нова програма ќе излезе пред македонските граѓани да ја бара довербата, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски. Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска, во врска со најавите на ДУИ, рече дека правото на протест е уставно загарантирано, но не треба да се злоупотребува.

Објавено на

часот

Сподели

Мицкоски упати и совет до Ахмети, да не живее во минатото, туку да гледа во иднината.

Одговорајќи на новинарски прашања по одбележувањето 122 години од смртта на Гоце Делчев, Мицкоски информира и дека најверојатно утре ќе има средба со  Арбен Таравари за неговото натамошно функционирање во Владата и евентуална соработка со ДУИ на локални избори.

„Го слушнав тој брифинг на Ахмети и врз основа на тоа можам да излечам два заклучока, првиот е да дадам еден совет, да гледаме во иднината, а не во минатото. За жал, господинот Ахмети изгледа се уште живее во минатото зашто ако живее во сегашноста, ќе може да направи огромна материјална разлика меѓу минатото и луѓето од минатото и сегашноста во која тој е во опозиција, а околу него има многу милионери кои на грбот на македонските граѓани се збогатија и тоа е основната причина зашто е тој во опозиција“, истакна Мицкоски.

За помалку од пет месеци, потсети, ќе почне кампања за локалните избори.

„Граѓаните ќе кажат која политичка партија ја заслужува довербата, а која не, кои градоначалници и кои советници, па врз основа на тие резултати понатаму може да носиме заклучоци дали ќе има предвремени избори или не“, нагласи премиерот.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска, во врска со најавите на ДУИ, рече дека правото на протест е уставно загарантирано, но не треба да се злоупотребува.

Одговорајќи на новинарски прашања по одбележувањето 122 години од смртта на Гоце Делчев, Филипче информира дека во СДСМ тече процесот за избор на кандидатите за локалните избори, како и дека се во тек разговорите за коалициски партнери за изборите.

„Правото на протест е уставно загарантирано, но апсолутно не сметам дека треба да се злоупотребува во политички цели. Во врска со претстојните избори, дел од кандидатите веќе се знаат и се некои од актуелните градоначалници. Имињата на сите ќе бидат соопштени иднава недела. Мислам дека до крајот на јуни веќе целиот процес ќе биде завршен. Целта ни е да ги промовираме најдобрите кандидати од сите општини, личности со кредибилитет и капацитет за спроведување на програмите и вредносно и политички. Го почнавме и процесот на разговори и пронаоѓање партнери за циклусот на локални избори. Дел од преговорите постепено веќе се заокружуваат, други траат, а трети допрва ќе почнат“, истакна Филипче.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ