четврток, 26 декември 2024

Македонија поставува основа за паметна енергетска мрежа со поддршка на ЕБОР

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека е официјализиран почетокот на проектот за развој на паметни електроенергетски мрежи, кој има за цел да ги унапреди можностите за интеграција на обновливите извори на енергија во земјава, и е основа за идни инвестиции за справување со предизвиците во електричната мрежа.

Објавено на

часот

Сподели

Оваа важна соработка, под покровителство на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска се реализира меѓу државната компанија МЕПСО и компанијата „Коленко“.

На настанот во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини присуствувале претставникот на ЕБОР во нашата земја, Фатих Туркменоглу, амбасадорот на Австрија – Мартин Памер, директорот на МЕПСО – Бурим Љатифи, директорот на „Коленко“ во земјава – Никола Битрак и директорот на „Коленко“ од Германија – Хуберт Хосп. Формализирањето на договорот, како што се наведува, беше следено и онлајн од страна на Ања Шнајдер од Блумберг.

„Овој проект за развој на паметни електроенергетски мрежи не е само стратегија за планирање, тоа се конкретни чекори за иднината на нашата енергетска структура. Како министерство, ние сме посветени на создавање одржливи решенија за нашата енергетска трансформација. Наша обврска е модернизација на нашите енергетски мрежи. Имаме одговорност кон нашите граѓани, нашите ресурси и нашата околина. Имаме можност да изградиме мрежа, која не само што ќе се носи денес, туку ќе е и солидна основа за идниот развој. Затоа, заедно со нашите партнери, ние ја потврдуваме нашата посветеност на создавање паметна мрежа, која ќе одговори на предизвиците на времето во кое живееме. Оваа мрежа е наша иднина и нашето наследство“, истакна министерката Божиновска.

Како што се наведува, ЕБОР е партнер со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, МЕПСО и ЕВН-дистрибуција, обезбедувајќи експертски ресурси за изработка на Студијата.

„Декарбонизација на македонскиот енергетски сектор во континуитет е стратешки поддржана од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Активно го поддржуваме МЕПСО во напорите да ја модернизира и зајакне енергетската мрежа и да го спроведе овој план во реалност. Ние сме посветени да и помогнеме на земјата при енергетската транзиција“, изјави претставникот на ЕБОР во Македонија, Фатих Туркменоглу.

„Македонија е на пат да ја реализира својата енергетска агенда, која вклучува интеграција на 1,7 GW обновлива енергија до 2030 година. За реализација на целите, клучна е изработката на детална студија за развој на мрежата, во која јасно ќе се адресираат предизвиците за интеграција на ОИЕ. Студиските истражувања треба да послужат за ажурирање на 10-годишниот план за развој на мрежата ТИНДП (TYNDP) и подготовка на робусен инвестициски план, за да се овозможи непречена транзиција и на преносната и на дистрибутивната мрежа“, се вели во соопштението.

„Нашата цел е јасна – да создадеме енергетски систем кој е сигурен, доверлив и подготвен за иднината. За таа цел, МЕПСО е посветен на модернизација на инфраструктурата, развој на нови трансформаторски станици, подобрување на капацитетите за пренос и инсталирање системи за мониторинг и заштита. Успехот на овој проект зависи од нашата способност да соработуваме. Јас сум убеден дека преку ова партнерство со ЕБОР, Министерството за енергетика, ЕСМ, ние од МЕПСО, МЕМО, ЕВН, мноштвото производители на зелена енергија и сите засегнати страни, ќе успееме да ги постигнеме амбициозните цели што сме ги поставиле“, изјави директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи.

Студијата ќе примени современи решенија за „паметни мрежи“, користејќи искуства од меѓународната пракса, вклучително и од Европската Унија и други земји во понапредните фази на енергетска транзиција и планирање.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ