вторник, 22 октомври 2024

Македонија доби нова Влада на чело со Христијан Мицкоски, денеска примопредавање на премиерската функција

Во Собранието по дводневна расправа синоќа со 77 гласа „за“ и 22 „против“ беше изгласан новиот владин состав предводен од премиерот Христијан Мицкоски. Примопредавањето на премиерската функција на новиот мандатар Мицкоски е најавено за денеска во 10 часот. Настанот ќе се одвива во Владата на Македонија помеѓу досегашниот претседател, Талат Џафери, и новоизбраниот претседател на Владата, Христијан Мицкоски.

Објавено на

часот

Сподели

По синоќешното изгласувањето од страна на пратениците Мицкоски и министрите дадоа свечена изјава со што и официјално беше донесен новиот владин состав.

По вчерашното гласање, Мицкоски е новиот премиер на Македонија. Новоизбраниот премиер Христијан Мицкоски во својот говор пред гласањето за Владата рече дека нападите што ги слуша овие два дена се сведуваат на две тези – Преспанскиот договор и Францускиот предлог.

„СДСМ, не ја научивте лекцијата. Со овие лаги и конструкции нема да ја вратите довербата, ќе треба време да ја вратите. Изборите ги изгубивте бидејќи играа фудбалчиња вашите коалициони партнери, понижувајќи ве вас, ви се случи Ласкарци, Беса Транс“, рече Мицкоски.

Тој повтори дека бугарски диктат додека тој е премиер нема да помине и уставни измени нема да има.

Во новата влада се министри од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Вреди и од партијата ЗНАМ. Оваа влада ќе има 24 министри – министер за внатрешни работи е Панче Тошковски, за одбрана Владо Мисајловски, за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцуски, за финансии Гордана Кочоска Димитриеска, заменик претседател на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, за информатичко општество и дигитална трансформација Стефан Андоновски, министер за локална самоуправа Златко Перински. Министерка во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини е Сања Божиновска, во земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, министерка за образование и наука е Весна Јаневска, министер за култура и туризам е Зоран Љутков, а министер за спорт Борко Ристовски. Љупчо Димовски е вицепремиер и министер за политички систем, а Иван Стоиљковиќ, вицепремиер задолжен за односи со заедниците, додека Шабан Салиу е министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите. Министер за животна средина и просторно планирање и заменик претседател на Владата е Изет Меџити, министер без ресор и заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење е Арбен Фетаи, министер за здравство Арбен Таравари, Орхан Муртезани е избран за министер за европски прашања, додека за министер за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, а министер за економија е Бесар Дурмиши. Игор Филков е новиот министер за правда, а Горан Минчев за министер за јавна администрација.

Мицкоски е 13-тиот премиер, кој ќе ја предводи 20. влада од осамостојувањето на државата.

Мицкоски и членовите на Владата во Собранието дадоа свечена изјава при што заклетвата ја положија користејќи го уставното име на државата.

Во моментот на гласање на новата Влада пратениците на Европскиот фронт ја напуштија салата и не учествуваа во гласањето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ