среда, 23 октомври 2024

Мадуро бара трет мандат на претседателските избори во Венецуела, девет противкандидати сакаат да го прекинат неговото владеење

Во Венецуела денес се одржуваат претседателски избори на кои гласачите ќе одлучат дали актуелниот шеф на државата Николас Мадуро ќе добие трет последователен мандат или ќе го поддржат кандидатот на опозицијата Едмундо Гонзалез Урутија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Мадуро на изборите го предизвикуваат поранешниот дипломат Урутија, кој ја претставува опозицијата, и уште осум кандидати.

Опозициската лидерка Марија Корина Мачадо беше ѕвездата во предизборната кампања на коалицијата, дури и по забраната за вршење на јавна функција што ја принуди да му ја предаде штафетата на Едмундо Гонзалес, 74-годишен поранешен дипломат.

Гонзалез ја доби поддршката дури и од некои поранешни поддржувачи на владејачката партија, но опозицијата и набљудувачите се сомневаат дека гласањето ќе биде фер имајќи ги предвид некои одлуки на изборните власти и апсењата на опозициските активисти.

Мадуро, кој повторен избор во 2018 Соединетите Американски Држави го сметаат за неважечки, кажа дека земјата има најтранспарентен изборен систем во светот и предупреди на „крвопролевање“ ако изгуби, пренесува Ројтерс.

Повеќе од 21 милион граѓани имаат право на глас во Венецуела, меѓутоа, поради егзодусот на 7,7 милиони луѓе поради долгогодишната економска криза, бројот на потенцијалните гласачи изнесува околу 17 милиони.

Гласањето не е задолжително и се врши по електронски пат.

Поранешната пратеничка Марија Корина Мачадо се појави како ѕвезда на опозицијата во 2023 година, пополнувајќи ја празнината која остана кога претходната генерација опозициски лидери избега во странство.

Нејзините принципиелни ставови за корупцијата и лошата работа на владата обединија милиони Венецуелци кои гласаа за неа на предизборите на опозицијата во октомври.

Меѓутоа, владата на Мадуро ги прогласи примарните избори за нелегални и отвори кривични истраги против некои од нивните организатори. Врховниот суд донесе одлука за нејзино изземање од изборите, но Мачадо продолжи да води кампања одржувајќи собири низ земјата и претворајќи ја забраната во симбол на губење на правата и понижувањето кое многу гласачи го чувствуваат повеќе од една деценија, наведува Асошиејтед прес.

Таа го поддржа Гонзалез, поранешниот амбасадор кој никогаш не вршел јавна функција, помагајќи ѝ на опозицијата да се обедини.

Гонзалез дипломатската кариера ја почнал како помошник амбасадор на Венецуела во САД во доцните 70-ти. Служел и во Белгија и во Салвадор, а бил амбасадор на Венецуела во Алжир. Неговата последна должност била во Аргентина за време на претседателството на Хуго Чавез.

Гонзалез во последните години работел како консултант за меѓународни односи и напишал историски труд за Венецуела во Втората светска војна.

Тој ветува дека ќе воведе промени во земјата, кои ќе вратат во татковината милиони емигранти.

Од друга страна, популарноста на Мадуро опаѓа поради економската криза предизвикана од падот на цените на нафтата, корупцијата и лошата работа на владата.

АП наведува дека 61-годишниот Мадуро сè уште може да смета на кадарот тврдокорни поддржувачи, познати како „чависти“, како и на милионите јавни службеници чие вработување зависи од државата.

Овој поранешен возач на автобус и министер за надворешни работи е наследник на Хуго Чавез, популарниот социјалист кој, кога заболе од рак, го избра Мадуро да биде привремен претседател по неговата смрт.

Функцијата привремен претседател Мадуро ја презема во март 2013, а следниот месец тесно победи на претседателските избори по смртта на својот ментор.

Мадуро повторно беше избран за претседател во 2018 година, на избори кои Западот ги смета за наместени.

Неговата влада тогаш им го забрани учеството на најпопуларните опозициски партии и политичари во Венецуела, а поради недостигот од еднакви услови, опозицијата ги повика гласачите да ги бојкотираат изборите.

Мадуро, кого го поддржуваат 13 партии, вети дека ќе гарантира мир и економски раст кој ќе ја направи Венецуела помалку зависна од приходите од нафтата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ