Во претпоследниот натпревар од 20. коло во Премиерлигата, Ливерпул пред своите навивачи славеше против Њукасл со 4-2.
Чудо беше како на полувреме резулататот гласеше 0-0, беа поништени два гола, Салах не искористи пенал, Нуњез промаши зицер, а Арнолд ја затресе пречката речиси од мртов агол.
Но затоа во продолжението паднаа дури шест погодоци, Салах донесе водство од 1-0, за Исак да изедначи на 1-1.
Потоа следеа два нови гола на домаќините, Џонс реализираше за 2-1, а Гакпо погоди за 3-1.
Ботман ја врати неизвесноста и намали на 3-2 во 81. минута, но Салах со гол од белата точка во 86. минута ги реши сите дилеми и ги постави конечните 4-2.
Египјанецот испиша историја на овој меч откако стигна до погодокот број 150 во Премиерлигата за Ливерпул. Тој стана само петиот играч со ваква бројка во дресот на еден клуб, и влезе во одбрано друштво, во кое уште се Кејн, Агуеро, Руни и Анри.