петок, 18 октомври 2024
Белешка

Лудиот комшија!

Објавено на

часот

Сподели

Урбанистичкиот надреализам има многу слоеви на проблеми, многу слоеви на одговорности, и кој сѐ е виновен за тоа е друга приказна. Но, има вистина и во тоа дека навиката на луѓето да паркираат на пет минути секаде и секогаш во секое време често создава хаос. Многумина  од казните се оправдани, и самата сум платила не еднаш, ама тоа е. Грешката си е моја и нервозата ќе помине. Но има многу казни и „исчезнати“ коли сосема неоправдани. Односно, се резултат на „лудиот“ комшија.

Имено, во последно време особено во новите згради на локации, како на пример Општина Карпош, но секако и на други знајни и незнајни места по градот, има по некој комшија кој, од којзнае кои причини се јавува во полиција и пријавува дека возилата пречат.

Дали има на уличката знак забрана за паркирање –  НЕ!

Дали е прометна улица – НЕ!

Дали е крстосница – НЕ!

Што е тогаш приказната со лудиот комшија? Зградите се огромни, гаражниот простор премал, станарите оставени сами на себе. Не дека не сакаат да паркираат нормално – сакаат. Секако, дека сакаат да не вртат кругчиња залудно барајќи место. Секако дека и најголем дел од нив сакаат да купат гаража со се станот – плачат и молат ама инвеститорот ветените гаражи ги дал на некои што платил повеќе или имал многу автомобили, а добри врски, па така некои сопственици на станови од истата зграда имаат по три гаражи, други ниту една.

Што правиме сега – каде луѓето да паркираат, ако не во уличето позади зграда. Мало, слепо уличе, маалско уличе, без знак за забрана за паркирање и без зонско, реонско каква и да е друга можност во близина. Некако со збрка, со мака, ќе се пикне колата, односно едно дваесетина коли наредени од двете страни на улицата или половично качени на тротоар. Не е решение, но не е ниту некој голем проблем. Така едно четири години додека не се досели „лудиот станар“.

Комшија, од нашата, од другата или можеби од третата околна зграда. Комшијата си најде збава и се јавува во полиција штом види паркирана кола. Полицијата вели мора да постапи во интерес на граѓаните, па со брзина на светлината фрчат казни и пајаци. Се будите во сабота наутро супер расположен, гледате преку прозорецот и гледате пак –  не ви се верува, не вашата, една, две, туку фалат сите коли. Буквало сите до една на број. Не од едната страна, туку од двете страни на малото слепо уличе кое притоа има сосема солидна проодност на средината. На сон не ви доаѓа дека од место каде што нормално се паркира најмалку четири години, сега нема ниту еден автомобил.

Одите во Пајак службата и дознавате дека не дошле туку така, баш во таа мала, забутана слепа уличка која нели – нема знак забрана за паркирање. Не било проблем што никого не сте блокирале или сте застанале на пешачки премин, на островце на мост, на што и да е што некому пречи. Проблем било што пријавил некој комшија, а колите биле паркирани на улица – на која да повториме – нема ниту зонско, ни забрането паркирање. Па каде да паркираме – „На Марс“! Револтирано извикуваа граѓаните што настрадаа од „лудиот комшија“.

И сега никој ништо не може, казните се напишани и мора да се платат, се гледа на луѓето од зад шалтерот непријатно им е ама тоа е – немоќни се. Ќе се платат и тоа не е најголемиот проблем. Проблемот е што понатаму. Проблемот останува – каде да паркираат станарите од зградата во случајот, а сигурно во Скопје ги има многу такви, оти каде и да паркираат во околина „лудиот комшија“ реагира, а и полицијата реагира на повиците и во интерес на граѓаните.

Но, што ако „комшијата“ е вработен во МВР, можеби има роднина, можеби има соодветна или контра партиска книшка, па може да се јавува колку сака… што ќе прават останатите мнозински граѓани.

у

За проблемите со пајак службите се пишувало често, како и за (не)селективноста при кревање коли и реагирање во одредени зони и општини во градот… Во моментот налета и жена која била паркирана на паркинг место, ама морале да ѝ ја кренат колата – доаѓала странска делегација во близина. Види, види ние граѓаните треба да сме и видовити покрај другото, па да ги предвидиме сите можни сценарија и постојано да сме на готовс без разлика дали сме виновни или не, мора да сме подготвени со полн паричник и тони нерви.

Во меѓувреме можеби некој во МВР ќе се сети како треба да се однесуваат со јавноста. Можеби ќе им текне дека не е на одмет кога упорно добиваат пријави за една иста адреса и „ревносен граѓанин“ што ги чисти сите коли од околните улици, оти нему и само нему му пречат, треба да ги извести сите останати. Треба да најде начин да се справи со тоа, оти треба да им текне дека имаат работа со народ што сака да прави теории на заговор, па сите во маалото се убедени дека е или некој вработен таму или некој моќен. Тоа секако не придонесува за подобрување на имиџот на институциите, но придонесува да се запрашаме за еден нов феномен во државава, феноменот на „лудиот комшија“ или маалскиот кодош. Дали „лудиот комшија“ ја отсликува состојбата со кодошите од филмовите или состојбата за тоа која и каква ни е државата, е неважно оти резултатот се сведува на едно исто. Неоранизирана, хаотична, демек се става ред, а нема ред во ништо, се казнува без потреба, а не се казнува онаму каде што треба и за што треба, бескрајни проблеми на сите полиња речиси со сите соседи.  Проблеми од минатото, од сегашноста, проблеми за иднината – не може човек да не се праша дали сето тоа е одраз на „лудиот комшија“ или „лудиот комшија“ е одраз на сѐ што се случува во државата Северна Македонија.

                                                                                                                                                Јасмина Миронски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ