Во отвореното писмо професорите по ликовна уметност наведуваат дека концептите и реформите се прават долгорочно, за повеќе генерации.
„Ако нашата државна стратегија е да создаваме евтина работна сила, тогаш може да речеме дека за овие три денеции независна Македонија ние не само што не сме се кренале да создадеме мислечки луѓе, туку сме се спуштиле удолу создавајќи луѓе со единствен интерес да преживеат. Кога сте просветен работник, младите луѓе со кои работите, со време ги доживувате како свои деца. Кога ќе ја носите оваа понудена концепција за гимназиско образование, запрашајте се себеси, како луѓе, како родители, дали вие би сакале единствената цел во животот на вашите деца да биде голо преживување или би сакале да одгледате мислечки луѓе кои ќе се развиваат според своите афинитети и способности, за утре, кога ќе им го отстапите местото на коешто сте денес, да бидете сигурни дека нашето општество е во сигурни раце. Ние просветните работници имаме многу генерации деца, па мораме да мислиме за доброто на повеќе одошто само за нашите родени деца“, се наведува во отвореното писмо.
Ако заложбата со новиот концепт, прашуваат професорите, е „развивање на критичко размислување, истражувчките способности, вештините за решавање на проблемите преку практичната примена на знаењата која ги поттикнува учениците на иновации и креативност“, тогаш има ли други предмети кои го постигнуваат тоа повеќе од оние кои концептот значително им ги ускратува на младите луѓе меѓу кои е и ликовната уметност.
„Затоа сметаме дека токму за целите кои ги наведувате во предлог-концептот, потребно е да се зголеми фондот на часови по ликовна уметност во редовната настава. Оти токму наставниот предмет ликовна уметност се покажа како најактивно вклучен во речиси сите проекти посветени на негувањето на различните вредности, култури и религии, придонесувајќи со креативен израз и визуелна комуникација за меѓусебното разбирање и почитување. Токму во духот на продлабочување на меѓусебното разбирање и почитување на двете страни, а не сме ние педагошките работници оние кои се ставија на спротивната страна на интересот на младите луѓе, бараме одговорните институции од другата страна да ги прифатат нашите забелешки кои веќе им се испратени во електронска пошта по повикот за јавна дискусија. Очекуваме да понудат решенија кои ќе ја задржат важноста на ликовната уметност во образовниот процес како предмет кој веќе ги остварува целите наведени во концептот“, се наведува во отвореното писмо на 19 професори по ликовно образование од повеќе средни училишта во Македонија.
Претходно за новиот концепт за гимназиско образование отворено писмо упатија и 31 професор по философија, логика и етика.
Според професорите, концепцијата се заснова на логички и методолошки проблеми како неконзистентност, неаргументираност, противречност.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска завчера во изјава за медиумите рече дека не е точно оти предметите философија и логика се исклучени од концептот за реформа во гимназиското образование.
„Не е точно, ниту философија, ниту логика се исклучени. Но, како и да е, ова е драфт верзија поставена на јавна расправа. Сега прибираме сугестии, забелешки, предлози и откако ќе заврши јавната расправа ќе донесеме дефинитивен заклучок. Пред два дена бев на Филозофски факултет, имав средба со професорите, разговаравме многу конструктивно. Очекувам и нивна поддршка, затоа што ги сослушавме и ќе постапуваме по заеднички препораки, но првенствено во корист на учениците“, изјави Јаневска.
Потписници на писмото на професорите по ликовна уметност се: Сергеј Дамовски СУГС Гимназија „Орце Николов“ – Скопје, Олгица Антовска СУГС Гимназија „Панче Арсовски“ – Скопје, М-р Кристина Битрак Киревски СУГС Гимназија „Јосип Броз -Тито“ – Скопје, М-р Сашо Саздовски СУГС Гимназија „ Раде Јовчевски – Корчагин“ – Скопје, М-р Ангелина Дамјаноска Наумоска СУГС Гимназија „ Јосип Броз –Тито“ – Скопје, Ивона Велковска СУГС „Кочо Рацин“ – Скопје, Ана Кондовска Вишинска СУГС Гимназија „ Никола Карев“ – Скопје, Снежана Крстевска СУГС Гимназија „Орце Николов“- Скопје, Благица Андова Николова СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани, Розета Картова СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија, Катерина Филипоска Стефановска СОУГ „ Кирил Пејчиновиќ – Тетово, Катерина Слатиноска ОСУ Гимназија „ Св. Климент Охридски“ – Охрид, Гоце Симоновски СУГС Гимназија „Јосип Броз – Тито“ – Скопје, Горан Ристовски СОУ Гимназија „Ибрахим Темо“ – Струга, Миливој Симеонов СОУ „Ванчо Прке“ – Виница, Часлав Марковиќ СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ – Куманово, М-р Александар Џинго СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп, Глигор Васков СГГУ „Здравко Цветковски“ – Скопје и Мелита Чаушоска СГГУ „Здравко Цветковски“ – Скопје.
И.О.