Проектот „Да се соочиме со предизвиците и стигматизацијата 2024 – 2026“ е финансиски поддржан од Владата на Швајцарија, преку програмата „Цивика мобилитас“. Дискусијата е организирана од Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес, и „Порака“ – Неготино. На тркалезната маса учество зедоа лица со попреченост, нивни семејства, старатели, граѓански организации и здруженија, како и здравствени работници.
„Иако бавно, работите се придвижуваат – не се исти како пред 20, 30 години. Но, тоа се постигнува со вакви собири на кои отворено ќе си ги кажеме проблемите… Властите се тие што треба и можат да им го олеснат животот на лицата со попреченост“, изјави Далиборка Златева, претседателка на велешкото Здружение.
Во таа смисла, дискутантите се согласија дека вистинската моќ на промените и напредокот лежи кај властите. Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка, смета дека тоа особено ќе биде случај наредниов период што следи.
„САД и Трамп ја укинаа цела парична помош за невладините организации. Целта тука беа ЛГБТ-организациите, но покрај нив ќе настрадаат сите… УСАИД и другите американски фондации беа убедливо најголем донатор за вакви проекти во светски рамки, со вкупно 65 милијарди долари… Сега тоа го нема, па мора да се потпреме на ‘локалните’ извори, односно Владата“, истакна Кржаловски.
Имајќи го тоа предвид, повеќе дискутанти се согласија дека ваквите проекти, собири и дискусии мора да продолжат. Како и притисокот врз пратениците, се надоврза Душко Христов, претседател на организацијата „Банка за храна”.
Се истакна и потребата од намалување на трошоците околу лековите и терапиите коишто им се неопходни на лицата со попреченост и што треба да бидат на некој начин – субвенционирани од властите.
Следните вакви дискусии се планирани за во Неготино и Кавадарци, а потоа веројатно – и во Валандово, Гевгелија и други македонски градови.