Во претходните извештаи беше наведено дека две лица загинале во нападот на густо населена област во околината на Сидон, каде што се засолниле семејства раселени од јужните делови на земјата.
Дописникот на агенцијата Франс прес пренесува дека цел била зграда и уништен стан во областа, која беше нападната за прв пат од почетокот на војната меѓу Израел и либанскиот Хезболах во септември.
Хезболах соопшти дека истрелал ракети врз воена база во северен Израел, еден ден откако прогласи неколку области во регионот за „легитимни цели“ поради присуството на израелски војници.
Екстремистичкиот Хезболах соопшти дека целел на „воена индустриска база северно од Хаифа со низа ракети“, откако предупреди да се евакуираат големи делови од северен Израел.
Израелската армија претходно ги повика жителите на 14 либански села во јужен Либан веднаш да се евакуираат и да се движат северно од реката Авали, која тече од долината Бека до Средоземното Море.
Воениот портпарол за арапски јазик, Авихај Адрае, на платформата Икс објави дека „елементи, објекти или оружје на Хезболах се во близина“ и дека оние кои ќе останат ризикуваат да бидат убиени.
Израелската војска во неколку наврати нареди евакуација за време на нападите во Либан во текот на изминатиот месец.
„За ваша безбедност, мора веднаш да ги евакуирате вашите домови. За да ја осигурате сопствената безбедност, мора да се евакуирате без одлагање“, напиша портпаролот на израелската војска на платформата Икс, додавајќи дека е забрането да се оди на југ бидејќи тоа би било опасно по живот.