вторник, 22 октомври 2024

Левица бара кривичен прогон на Гаши за Законот за бранители, СДСМ не се откажува од предложените измени

Политичката партија Левица денеска поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието Африм Гаши поради тоа што не ја исполнил својата деловничка обврска во врска со Законот за бранители. Во меѓувреме од СДСМ најавија дека не се откажуваат од предложените измени на овој закон и дека следните денови ќе ги обелодени идните чекори што ќе ги преземе.

Објавено на

часот

Сподели

Пратеникот Сашко Јанчев на прес-конференција во Собранието рече дека кривичната пријава е поднесена поради тоа што Гаши несовесно постапил во однос на своите овластувања и направил кривично дело против службената должност.

„Законот за бранители е заглавен во собраниска процедура откако претседателот на матичната Комисија реши да не свикува сеница односно реши да го блокира законот. Во ваква ситуација, кога претседател на комисија решава да не свикува седница по одреден закон, должност и надлежност на претседателот на Собранието е да ја одблокира законската постапка и тој треба да ја свика комисијата и да назначи член кој ќе ја води седницата на таа комисија. Претседателот на Собранието во изјава за медиумите рече дека нема намера да го одблокира законот за бранители, дека нема намера да свика седница за законот за бранители и до денес таква седница не е свикана“, посочи Јанчев.

Изјавата на претседателот на Собранието дека со тоа што претседателката на Комисијата свикала седница во рамки на роковите и со тоа му се одзема правото да интервенира и да назначува друг член да ја води седницата, според Јанчев, е  екстензивно толкување со цел законот за бранители никогаш да не биде ставен на дневен ред.

„Деловникот е јасен – откако ќе поминат 24 часа, ако претседателот на Комисјата не одржи седница по одреден закон, претседателот на Собранието назначува друг член кој ќе ја одржи таа седница. Ова е екстензивно толкување со цел законот никогаш да не дојде на дневен ред“, рече Јанчев.

Законот за бранители е предложен од пратеничката од СДСМ и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска. Законот ја доби поддршката во Собранието да оди по скратена постапка. Откако претседателката на Комисијата за социјална политика, млади и демографија Илире Даути не го стави законот на дневен ред, претседателот на Собранието во неговото образложение посочи дека нема ингеренции да назначи друг член за да се одржи седницата затоа што Даути ја свикала седница согласно роковите.

Во меѓувреме од СДСМ најавија дека не се откажуваат од предложените измени на овој закон и дека следните денови ќе ги обелодени идните чекори што ќе ги преземе.

„Вчера имавме координација на пратеничката група, разговаравме за идните чекори за законот за бранители. Во следните денови ќе излеземе во јавност со сето она што ќе ги преземеме во однос на овој закон. Не се откажуваме во однос на донесувањето на законот за бранители“, изјави денеска Јована Тренчевска на прес-конференција во Собранието.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ