среда, 26 февруари 2025

Лекарите соопштија дека шест бебиња починале од студ во Газа во последните две недели

Најмалку шест бебиња починаа од студ во изминатите две недели во Појасот Газа, каде што стотици илјади луѓе живеат во шатори и згради оштетени од војната, а температурите ноќе се спуштаат под 10 Целзиусови степени, соопштија денеска локалните лекари.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Д-р Ахмед ал Фарах, шеф на педијатрискиот оддел во болницата Насер во Кан Јунис, изјави дека денеска примил тело на двомесечно девојче.

Саед Салех, од болницата во Газа, рече дека пет бебиња на возраст од еден месец или помлади умреле од студ во последните две недели, вклучително и едномесечно дете кое почина во понеделникот и друго дете кое беше ставено на респиратор.

Захер ал-Вахеди, шеф на одделот за евиденција во Министерството за здравство во Газа, рече дека оваа зима се регистрирани 15 смртни случаи од хипотермија, од кои сите биле деца.

Прекинот на огнот со кој заврши 16-месечната војна меѓу Израел и Хамас овозможи испорака на поголеми количини хуманитарна помош, главно храна, но жителите велат дека сѐ уште има недостиг од ќебиња и топла облека, како и од огревно дрво.

Во Газа нема струја од почетокот на војната, а горивото за генераторите е малку. Многу семејства се собираат заедно на влажен песок или гол бетон.

„Многу е студено“, изјави Росалија Болен, портпаролка на Детската агенција на Обединетите нации (УНИЦЕФ), претходно овој месец. „Немам поим како луѓето можат да спијат во шатори навечер“.

Хамас го обвини Израел дека го одложува влезот на мобилни куќи и шатори во Газа, со што го прекршил примирјето. Израел ги негира обвиненијата и го обвинува Хамас за прекршување на мировниот договор. Во војната со Израел во Газа, според Министерството за здравство на Газа, загинале повеќе од 48.000 Палестинци, главно жени и деца, додека меѓународните агенции проценуваат дека бројот на жртвите е многу поголем.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ