петок, 20 декември 2024

Ле Пен за Макрон: За него сè е готово, се спремам за вонредни избори

Лидерката на француската десничарска партија Национален собир Марин ле Пен изјави дека се спрема за вонредни претседателски избори во Франција, откако, како што оцени, францускиот претседател Емануел Макрон „целосно го изгуби влијанието во земјата и на меѓународната сцена, вклучувајќи ја Европската Унија“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Се подготвувам за вонредни претседателски избори од претпазливост, имајќи ја предвид кревкоста на позицијата на Емануел Макрон, неговата несигурна позиција и ограничената институционална моќ“, кажа Ле Пен во интервју за Паризиен.

Според неа, „постојат многу причини кои би можеле да го натераат Макрон да го прекине својот мандат“.

Претходно весникот Трибјун диманш објави дека мандатарот за француска влада Франсоа Бајру „му се заканил на претседателот Макрон дека неговата партија ќе му ја одземе поддршката во парламентот ако претседателот не го именува за премиер“.

„За Емануел Макрон сè е готово. Моите зборови не се сурови, тоа е само реалноста. Тој дури ја изгуби и можноста да го именува премиерот, туку тој самиот се именуваше. Го изгуби секаде влијанието на меѓународен план. Тој повеќе нема никакво влијание во ЕУ и понижен е на најлош можен начин од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен“, истакна таа.

Ле Пен планира повторно да се кандидира за претседател на Франција.

Претходно францускиот Институт за јавно мислење (Ифоп) објави истражување според кое Марин ле Пен „станала најпопуларна кандидатка за претседател на Франција“.

Ле Пен три пати беше кандидатка за претседател. 56-годишната политичарка првпат се кандидираше во 2012 година, но изгуби во првиот круг од Франсоа Оланд и Никола Саркози.

Потоа во 2017 и 2022 изгуби од Макрон во вториот круг со мала разлика во бројот на гласови.

Следните претседателски избори во Франција треба да се одржат во мај 2027. Конкретниот датум не е одреден, но треба да се одржат 20-35 дена пред истекот на мандатот на актуелниот претседател Емануел Макрон на 13 мај 2027 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ