сабота, 23 ноември 2024

Лазаров: Повторно направивме многу грешки, Германија е за класа подобра од нас

Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров вели дека во моментов Македонија не може да се носи со селекции како Франција и Германија.

Објавено на

часот

Сподели

Во второто коло од Европското првенство, Македонија доживеа втор убедлив пораз, овојпат загубивме од домаќинот Германија со девет голови разлика (34-25).

И овојпат како и на мечот против Франција, македонските ракометари правеа многу технички грешки. Имавме добри моменти, но севкупно бевме далеку од квалитетот на противникот.

„Искрено не можам да бидам задоволен од играта, иако имавме добри моменти. Повторно имавме над 15 технички грешки против Германија. Ние зборуваме дека одбраната е лоша, но повторно имавме лесно продадени топки. Германците се цврсти, силни и домаќини се. Ние се обидовме да бидеме добри и дадовме отпор, но не беше доволно. Лошо го почнавме мечот, а потоа се обидовме да воспоставиме рамнотежа, но тие знаеја да ги искористат нашите грешки и да го решат победникот. Мислам дека во овој момент Германците се класа подобри од нас, а тоа го видовме на теренот. Треба да се работи многу, мислам дека не е реално да посакуваме дека во овој момент ќе ја победиме Франција или Германија. Во одредени моменти играта во одбрана беше подобра од Франција, но многу топки загубивме во контри. Мислам дека имавме проблеми во нападот и се обидувавме со игра седум на шест, зашто немаме друго решение во моментов. Понекогаш делува добро, понекогаш не делува, но немавме друг избор“, изјави Лазаров по мечот.

Во последното коло Македонија ќе се сретне против Швајцарија и ќе се обиде да го поправи впечатокот.

„Ќе бидеме конкурентни и ќе дадеме сè од себе за да ги победиме Швајцарците. Имаме еден ден за да се одмориме, па ќе се обидеме да ги исчистиме главите и да го дадеме максимумот на теренот“.

Од Берлин за МКД.мк
Ристе Ѓорѓиевски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ