Активноста околу пукнатината, првично долга три километри, исчезна. Метеоролошката канцеларија на Исланд соопшти дека лавата сè уште тече, но со намалена брзина. Во јужниот дел на Исланд од синоќа е во сила вонредна состојба. Директорот на Исландската цивилна одбрана Видир Рејнисон изјави дека сѐ што може да се направи е направено и дека сега најголема грижа е како лавата ќе влијае на инфраструктурата.
Вулканот на полуостровот Рејкјанес на Исланд еруптираше вчера по четврти пат од декември, исфрлајќи големо количество лава во воздухот. Се верува дека ова е најсилната ерупција од декември. Луѓето беа евакуирани и од популарното туристичко место, спа центарот Сина лагуна. Вулканот последен пат еруптираше во почетокот на февруари, го доведе до прекин централното греење за 20.000 луѓе, додека лавата уништи патишта и цевководи.
Ова е седма ерупција во областа Рејкјанес од 2021 година. Исланд е сеизмичко и вулканско жариште бидејќи се наоѓа помеѓу евроазиската и северноамериканската тектонска плоча, кои се движат во спротивни насоки. Во Исланд има повеќе од 30 активни вулкани.
https://www.youtube.com/watch?v=OCOJKNFXKXQ