сабота, 19 октомври 2024

Лајчак ја поздрави одлуката за повлекување на 25 отсто од припадниците на косовската полиција

Објавено на

часот

Сподели

Одлуката е донесена на состанокот на претставници на косовската полиција, Еулекс и КФОР.

„Ова е важен чекор кон целосна деескалација на тензиите на северот на Косово“, напиша Лајчак на Твитер, пренесува Радио Слободна Европа.

Претходно, косовската полиција соопшти дека безбедносната состојба на северот е добра, дека во петок ќе започне втората фаза на повлекување на полицијата од и околу општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток.

На 10 јуни, специјалниот пратеник за дијалог Мирослав Лајчак и вицепремиерот на Косово Бесник Бисљими постигнаа договор.

„Според заедничката проценка на косовската полиција, Еулекс и Кфор, безбедносната состојба во и околу објектите на општините на север е добра“, се наведува во соопштението и се додава дека од денес ќе започне повлекувањето на уште 25 отсто од полицајците.

Косово претходно повлече 25 отсто од специјалните сили во и околу општините на северот, како што е предвидено во договорот за деескалација.

Тензиите на северот на Косово се кренаа на крајот на мај кога градоначалниците со помош на полицијата влегоа во општинските згради, на што се спротивстави локалното српско население.

Србите, кои го сочинуваат мнозинството од населението на северот на Косово, ги бојкотираа последните априлски избори и не ги прифаќаат резултатите, односно новите градоначалници кои доаѓаат од редовите на албанската заедница.

Тие секојдневно протестираат пред општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток со барање градоначалниците да не доаѓаат на работа и да се повлече специјалната единица на косовската полиција од север.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ