среда, 26 февруари 2025

Квалификации, знаење и искуство да бидат пресудни при вработување во здравството, бараат Солуција и Замисли

Квалификации, знаење и искуство да бидат пресудни при вработување во здравството. Од Балканскиот центар за конструктивни политики Солуција и Граѓанската сила Замисли информираа дека во консултација со сите засегнати страни покренале акција за законски измени на Законот за здравствена заштита.

Објавено на

часот

Сподели

Со измените треба да се ограничат дискреционите овластувања на директорите на здравствените установи и да се овозможат вработувања по систем на заслуги и квалификации.

Според претседателот на Солуција Никола Димитров, со законските измени ќе се направи голем исчекор во јавното здравство.

„Повеќе да се гледаат квалификациите, знаењето и искуството, а помалку да се гледа кој е од една или друга, или од ниту една политичка партија“, рече Димитров, најавувајќи дека редовно ќе ја информираат јавноста околу новиот закон за здравствена заштита.

Тој соопшти дека над две третини од поплаките дошле од медицински сестри кои со години работеле со договори на дело, а кога се распишувал оглас, на работа влегувал некој друг.

Претседателката на Унијата на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри За нас, Гордана Бешлиовска подвлече дека правилното и транспарентно вработување на медицинските сестри треба да започнува во делот на планирање на медицинските сестри во болниците.

„Размислуваме да се најде солуција да понудиме медицинските сестри кои заминаа во пензија, да може да се вратат во болниците под некои условни договори на дело, за да можат да им помогнат на болниците, одделенијата што останаа без персонал“, рече таа, зборувајќи за проблемот со недостаток од кадри во здравството.

Посочи дека Словенија има околу 17 илјади медицински сестри на речиси два милиони жители, а Македонија има околу 9.200 медицински сестри на два милиони жители.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ