сабота, 23 ноември 2024

Куриер: Терористите ќе се забиеле со автомобил во публиката и ќе активирале бомба

Пријателите на 19-годишникот уапсен за планирање терористички напад на концерт на Тејлор Свифт требало да работат таму како чувари, пишува денеска австрискиот весник Куриер. Како чувари, тие би имале пристап до различни локации околу местото на одржување на концертот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Три концерти на Тејлор Свифт закажани за денеска, утре и задутре во Виена беа откажани поради планираниот терористички напад на стадионот Ернст Хапел.

Се очекуваше околу 195.000 луѓе да присуствуваат на трите концерти на распродадениот стадион Ернст Хапел и уште околу 20.000 фанови да ги слушаат концертите надвор од стадионот. Парите за влезниците ќе им бидат вратени.

Истрагата за планираните напади сè уште е во тек.

Куриер исто така пишува дека 19-годишникот, за кој други австриски медиуми објавија дека родителите му се од Македонија, наводно планирал со автомобил да се забие во десетици илјади обожаватели кои би стоеле пред стадионот Ернст Хапел за време на концертот, а потоа користејќи мачети и ножеви би ги нападнал присутните и конечно ќе активирал бомба направена од украдени хемикалии.

19-годишникот украл хемикалии за бомба од работа. Како што пишува Куриер, станува збор за хемикалии со кои лесно може да се направи експлозив, кои се многу чувствителни на механички удари, триење и температурни промени, а бомбата може многу лесно да се активира.

Тинејџерот со македонски корени се смета за главен осомничен и тесно соработувал со 17-годишен Австриец, изјави генералниот директор за јавна безбедност Руф за радиото ОРФ.

Двајцата се дел од мала група која ја истражува полицијата, рече Руф, додавајќи дека 19-годишникот се заколнал на верност на радикалната група Исламска држава.

Момчето се радикализирало на интернет и наводно пред неколку недели се заколнал на верност на раководството на терористичката организација Исламска држава, изјави Руф.

„Се разбира, ја истражуваме нивната поширока околина“, рече Руф, додавајќи дека заканата е минимизирана по апсењето.

Руф рече дека полицијата „утврдила“ дека 19-годишното момче го фокусирало своето внимание на концертите на Тејлор Свифт.

Како што изјави Руф за австрискиот утрински дневен весник О1, 19-годишникот е австриски државјанин, кој е роден во Австрија. Неговото семејство има македонски корени.

Руф потврди и дека информациите за нападот дошле од странски тајни служби. Како што пренесоа некои американски медиуми, американските тајни служби ги информирале своите австриски колеги за можниот напад.

Заканата од терористички напади на концертите на американската поп-ѕвезда Тејлор Свифт во Виена беше многу сериозна, но благодарение на соработката на австриските и странските служби таа беше препознаена во рана фаза и спречена е можна трагедија, објави австрискиот канцелар Карл Нехамер, додавајќи дека властите немале избор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ