сабота, 19 октомври 2024

Кумановскиот градоначалник Димитриевски во МВР даде исказ по анонимна пријава за криминал во општината

Објавено на

часот

Сподели

„СВР Куманово постапува по анонимна пријава и во континуитет се случува истиот притисок на работењето на Општина Куманово и на мене како градоначалник. Целта е јасна, да бидам дефокусиран од моите секојдневни активности. Според наводите во пријавата, иако покрај тоа што од страна на вработените во општината е постапувано согласно законот, плати се исплаќаат со децении и методологијата на пресметка е иста. Општината има потпишано и колективен договор за своите вработени, но, сепак дадов свој исказ. Дополнително, по барање на лицата кои ја водат постапката ќе добијат и дополнителни информации. Ова го ценам како еден класичен пример на злоупотреба од страна на поединци коишто менаџираат со овој ресор во партиско политички цели на институциите“, изјави Димитриевски по дадениот исказ во полиција.

Тој тврди дека ова е преседан затоа што, како што рече тој, секојдневно се пишуваат анонимни кривични пријави до МВР, од МВР завршуваат во Основно јавно обвинителство, се добиваат насоки за постапување, се отвораат предмети кои на крајот резултираат со ништо и се трошат ресурси што ги плаќаат граѓаните.

„Ние ги плаќаме сите тие лица кои се ангажирани на тие активности, а во меѓувреме државата тоне во корупција. И тоа го потврдуваат сите релевантни амбасади во државата. Сметам дека ваквите постапки се депласирани, секако дека јас како градоначалник и вработените во општината ќе соработуваме со секоја истрага којашто ќе се води. Но, веднаш ќе напоменам дека од страна на надлежните институции на сите наши поднесени барања како општина и мене како градоначалник за постапување против непознати лица кои лажно ги поднесуваат сите овие пријави нема отворено ниту една постапка“, рече Димитриевски.

Тој од обвинителството побара по допрен глас да отвори предмет за да открие кои се лицата што ги пишуваат анонимните пријави. Димитриевски се сомнева дека постои голема можности да се работи за чисти монтирани процеси коишто ќе го дефокусираат од неговите секојдневни активности.

„Како се наближуваат изборите така и притисокот е сѐ поголем. Овде се со мене само дел од пријавите што секојдневно ние како општина и институција ги добиваме по однос на прибирање на материјали и докази за лажно поднесени кривични пријави или „анонимки“ како што се викаат од страна на непознати лица. Апелирам надлежните што раководат и менаџираат со овие институции, особено со секторот МВР којшто се трансформираше во МВРО со две „о“ да претстанат со ваквите појави, бидејќи граѓаните нѐ избраа да си ја вршиме нашата секојдневна работна задача, а не да го трошиме времето како тие што го трошат и да се фокусираат на разбивање на корупцијата во државата, која им е пред очи и сами ја признаа“, потенцира Димитриевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ