На над 300 страници, поместени се избрани критички одгласи што го следат развојот на творечкиот пат на водечкиот претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и светот за којашто говорат и текстовите на странската критика, како и библиографските единици за присутноста и интересот за неговото творештво и надвор од нашите граници. Поконкретно, текстовите во изданието се подредени хронолошки – од првиот осврт за првата самостојна изложба на академскиот сликар Васко Ташковски како војник во Шибеник во 1965 година, преку критиката на Глигор Чемерски од 1969 година до критичките одгласи од 2021 година кога академик Ташковски, со неговата потрага по рамнотежа меѓу земјата и небото се вреднува како Шагал на модерните времиња… Едновремено, изборот од огромниот број критички одгласи овозможува увид и во широката лепеза интелектуалци што се искажале за вредностите на творештвото на Ташковски – ликовни уметници, ликовни критичари и историчари на уметност, филозофи, естетичари, книжевници, публицисти, новинари, академици… А тоа дополнително упатува за значајното место што Ташковски го има во современата македонска култура, при што за неговото творештво се искажале и сите личности – стожерни чинители на развојот на македонската култура во последната половина век.

Во обемниот предговор, меѓу другото, Раде Силјан нагласува дека „Васко Ташковски е сликарски феномен, единствен во современото македонско сликарство. Ни се чини како тој божем да допатувал од некоја друга планета и пуштил корења на македонската почва“.
„Тука зачнал и се родил, се разгранил во раскошни форми и бои, за да ја збогати нашата национална уметност со нови, досега непознати и чудесни виденија и содржини, ту раскрилени во радосни изблици, ту во апокалиптично развиорени и заканувачки организми со необични, неодгатливи предмети и појави. Небаре тој во нашиве предели населил нови светови, несекојдневни визуелни значења и визуелни емисии од некои далечни, други светови и небесни тела, но откога ќе ги погледнеме подобро и повнимателно неговите фасцинантни дела, ќе видиме дека тие сепак се волшебни сказни, визии од нашава планета, од животот на земјава, на овој свет, само видени, набљудувани и обликувани со други очи, со поинаков потход, од поинаков агол и визура, од еден длабоко индивидуален и оригинален свет и сензибилитет, што го прави неговото сликарство автохтоно и специфично, како своевидна сликарска планета. Според богатството на темите, сликите на Васко Ташковски обликуваат посебен уметнички универзум, не само во бујните текови на модерната македонска уметност, туку и пошироко, во интернационални рамки. Неговиот блесок веќе низа години како рефлектор ја осветлува ликовната култура кај нас…“, пишува Силјан во предговорот.
Исто така во предговорот на Силјан детално се елаборирани развојните фази на творештвото на Ташковски, при што за првпат на таков начин е издвоено есенцијалното од: критичките одгласи за неговото творештво, неговите лични искажувања и личната рецепција на творештвото на сликарот од страна на уредникот на изданието.
„Сликарскиот свет на Васко Ташковски е препознатлив, по многу свои елементи чудесно раскошен. Неговата уметност комуницира на општи и универзални релации, својствена за автор со автономен свет, вешто обликуван во дела со антологиска вредност. Тоа е свет приемчив, по многу свои карактеристики раскошен, свет на тајни и митски предели, суптилно обликуван, свет од кој се одмораат очите, кој ги успокојува душите на љубителите на уметноста“, истакнува Силјан.
Книгата „Критиката за творештвото на Васко Ташковски“ е редок пример кај нас, на едно место да се објавени клучните критички одгласи за творештвото на македонски сликар. Ова е едно од бројните изданија со коишто „Матица македонска“ веќе 35-та година ги афирмира вредностите на македонската култура.






