Тој на овој начин ја коментираше изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој кажа дека Соединетите Американски Држави водат „многу добри и конструктивни“ преговори за решение во Украина со Киев и Москва.
Кремљ за првпат потврди дека е во контакт со новата администрација во Белата куќа. Кон средината на минатиот месец, 16 јануари, помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков кажа дека тимот на Трамп не го контактирал Кремљ, кој очекувал повик од новиот шеф на САД. Самиот Трамп на 30 јануари случајно откри дека имал телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
Си-ен-ен претходно извести дека американскиот претседател му дал упатства на својот тим да организира повик со рускиот претседател веднаш по инаугурацијата, која се одржа на 20 јануари. Според изворите на Си-ен-ен, за време на разговорот Трамп планирал на Путин да му понуди лична средба во претстојните месеци за да разговараат за начините за завршување на војната во Украина.
Дијалогот меѓу Кремљ и новата американска влада „на ниво на тимови“ почнал уште во ноември и декември 2024, кога дошло до првиот директен контакт меѓу Путин и Трамп, кажале двајца руски функционери вклучени во меѓународната политика на Кремљ за Москоу тајмс.
Според нив, страните намерно одлучиле да не го објавуваат почетокот на дијалогот и да го негираат на секој можен начин откако ќе се појават медиумски извештаи, за да се избегне притисок на американскиот политички естаблишмент на идниот претседател на САД.
Извор на Москоу тајмс од руското министерство за надворешни работи кажал дека Кремљ истовремено почнал да бара кандидат за главен преговарач со новата американска влада и дека таа улога најверојатно ќе му биде доверена на некој од најтесниот круг на Путин, можеби на личност која соработувала со него уште во Санкт Петербург.