По успешната светска премиера на престижниот 45-ти Московски филмски фестивал и меѓународната премиера на 29-тиот Фестивал на фантастични филмови во Билбао, филмот имаше можност да се прикаже на бројни значајни филмски настани како што е ФилмКвест (FilmQuest)- еден од водечките жанровски фестивали во светот што се одржува во Јута, САД, потоа Фестивалот Синефантази (Cinefantasy) во Сао Паоло, Бразил, како и низа други меѓународни фестивали.
Како што информира продукцијата „Круг филм“, досега филмот има освоено петнаесетина значајни награди, меѓу кои: наградата од публика на 33-тиот Фестивал на фантастични филмови Манчестер, Големата награда од жирито на Бакунава Фест, Филипини, најстариот и најголем фестивал за жанровски филмови во Азија, награда на СинеЛибри (CineLibri) во Бугарија, награди на Фестивалот Фантазмагорија во Колумбија, Фестивалот Парадајз (Paradise) во Унгарија, наградата на Галеатик имагинариум (Galactic Imaginarium) во Романија, Дескубиерто фантази филм (Descubierto Fantasy Film Festival) во Перу, како и две значајни награди – Главната награда од жирито и Наградата од критиката – на фестивалот Фанази деј (Fantasy Day )во Италија. Исто така филмот ја освои наградата за најдобро сценарио на Балкан нордик филм фестивал (Balkan Nordic Film Festival) во Стокхолм и награда за најдобра кинематографија на Синематик еуропиан филм фестивал ( Cinematic European Film Festival) во Романија.
Филмот беше прикажан и пред домашната публика на неколку македонски фестивали каде ја освои наградата за Најдобар краткометражен филм на фестивалот „Преку Езерото“ во Дојран и ТИФФ ОДА (TIFF ODA) во Тетово, а на „Астерфест“ во Струмица ја освои наградата за најдобро сценарио.
„ Со своето учество и успех на овие фестивали, „Сценариото“ не само што придонесува за интернационалната промоција на македонската кинематографија, туку и ја носи уметноста на Кардалевска до публика ширум светот. Филмот раскажува фантастична приказна која одекна и кај публиката и кај критичарите, а неговиот успешен фестивалски живот е доказ за посветеноста на целата актерска и креативна екипа што стои зад филмот“, се наведува во соопштението.
Во „Сценариото“ кое е поддржано од Агенцијата за филм, играат истакнати актери, меѓу кои се: Драгана Костадиновска, Огнен Дранговски, Атанас Атанасовски, Игор Ангелов, Симеон Мони Дамевски и Ана Стојановска. Визуелната естетика на филмот е дело на директорот на фотографија Душан Кардалевски, сценографијата е на Влатко Чачоровски, монтажата е на Блаже Дулев, а дизајнот на звукот го изработи Дарко Спасовски-Пацки. Дизајнот и изработката на костимите се на Онур Озџан, Маја Ѓуреска и Антонија Гугинска Јорданоска, а шминката е дело на Снежана Ангеловска Живковска.
Филмот е во продукција на Лајт Продакшн, во копродукција со „Круг филм“ и Алка Филмс од Скопје, Иконе студио (Ikone Studio) од Косово и Кубе студиос (Kube Studios) од Албанија.