„На денешната средба со лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, во седиштето на СДСМ, разговаравме за реализацијата на програмата на Владата, за динамиката на работа во наредниот период, како и за политиките кои значат исполнување на стратешката цел на земјата за членството во ЕУ и партнерството со САД.
Наши заеднички цели на коишто посветено работиме како политичари и коалициски партнери се продолжување на европскиот пат до полноправно членство во ЕУ и јакнење на стратешкото партнерство со САД. Тоа е наша обврска кон сите граѓани и кон иднината на државата затоа што Северна Македонија нема друга алтернатива освен европскиот пат“, вели Ковачевски.

Други детали не се соопштени, а средбата се случува само два дена по разговорите на Таравари во Приштина со косовскиот премиер Аљбин Курти, заедно со лидерите на опозициската коалиција Европски сојуз за промени на која станало збор и за тоа токму Таравари да биде кандидат на опозицијата на Албанците за претседател на Македонија.
Во Алијанса за Албанците, како што објави МКД.мк, владее разногласие по прашањето како да се настапи на изборите – самостојно или со опозициската коалиција која му подава рака или пак во соработка со сегашните коалициски партнери во власта.