петок, 26 јули 2024

Арбен Taравари не е на два, туку на три ума за изборите

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари е соочен со ситуацијата брзо да размислува и да се обиде партијата да донесе добра одлука кој пат да се избере во изборниот период. Со самостоен настап, со настап во кој меѓусебно ќе се помагаат сегашните партнери во власта – СДСМ и ДУИ или со Европскиот сојуз за промени (ЕПС)? Во Алијанса за Албанците потврдуваат дека дебатите се вжештуваат, дека одлука нема, дека Таравари е на три ума што да се прави, додека поранешниот лидер Зијадин Села е за самостоен настап. Политичкиот аналитичар Сефер Тахири за МКД.мк вели дека понудите од ЕПС може да создадат внатрешен раздор во Алијанса за Албанците. Тахири не го дели мислењето дека вмешувањето на Курти може да ги влоши односите меѓу Косово и Македонија и меѓу самите партии.

Објавено на

часот

Сподели

Член на Алијанса за Албанците близок до раководството и е информиран за состојбите во партијата поврзани со претстојните парламентарни и претседателски избори за МКД.мк вели дека се вжештуваат дебатите и дека владее големо внатрешно разногласие. Особено по прексиноќешната средба на лидерот на Арбен Таравари со премиерот на Косово Аљбин Курти во Приштина, заедно со лидерите на Европски сојуз за промени, Африм Гаши, Биљал Касами и Изет Меџити. Идејата која таму била пласирана за Таравари како заеднички кандидат за претседател на Македонија, во Алијанса се толкува како договорено помеѓу Курти и лидерите на ЕСП така да се настапи на средбата, и ставање во искушение на Таравари и самата партија која во моментов не е опозициска, туку е дел од власта.

Нашиот соговорник вели дека Таравари уште не го информирал партиското раководство за приштинските разговори и дека не е закажан состанок како што многупати е кажано дека на таков состанок ќе се донесе конечната одлука за изборниот настап на Алијанса за Албанците.

Денешната изјава на Таравари за МИА во која потврди дека е разговарано тој да биде кандидат за претседател, нашиот соговорник вели дека не менува многу.

„Албанската опозиција има разговарано со мене јас да бидам претседателски кандидат, но јас не сум заинтересиран“, рече Таравари за МИА.

Не менува, вели соговорникот на МКД.мк, бидејќи сепак тоа треба да се каже и информира на партиски состанок и потоа да се поведе дебата, да се стават аргументи на маса, и за и против за тоа како Алијанса за Албанците да настапи на парламентарните избори, но и со каков став да се оди за претседателските избори.

„Често во јавноста деновиве се вели дека Таравари е на два ума како да се настапи на изборите. Не на два, туку и на три ума е и тој самиот, како и дел од нас во партијата. Ако самиот Таравари вели дека не сака да биде кандидат, тоа не значи дека не станало збор за тоа Алијанса да предложи кандидат и да се биде на чело на колоната во изборите. Од една страна тоа ќе го зголеми почетниот капитал на Алијанса, но потоа, може да се врати како бумеранг. Јасно е дека во ваква распореденост на политичката сцена, тој кандидат нема да стане претседател, а поените за преговарање потоа ќе се делат со ЕСП. Тука е во право лидерот на ДУИ, Али Ахмети дека е рано за претседател Албанец. Од тоа може да биде предизвикана и ДУИ да истакне свој претседателски кандидат, а тоа да го разниша и СДСМ која претендира и на албански гласови во трката за шеф на државата. Посебно е тешко прашањето за учество на парламентарни избори со ЕСП имајќи предвид дека тие ја инволвираат Самоопределување, партијата на Курти, што и во дел од албанската јавност се оценува како мешање во внатрешните работи на Македонија, како опасност од внатрешни делби и иритирање на самата власт“, вели за МКД.мк нашиот соговорник.

На нашето прашање за ставот на поедини истакнати членови на Алијанса, како на пример на поранешниот претседател Зијадин Села кој има силно влијание врз членството, соговорникот нагласува дека Села и натаму е на ставот партијата на изборите да настапи самостојно.

„Потребно е Алијанса за Албанците да ја измери својата тежина на македонската политичка сцена. Особено затоа што на локалните избори во Тетово поминавме катастрофално. И тогаш Зијадин Села поднесе оставка. Оттогаш не знаеме колку вистински тежи партијата, иако е во власта, а тоа се мери само на избори“, нагласува нашиот соговорник и потенцира дека дебатите внатре во Алијанса особено се компликуваа заради извесното учество на косовското Самоопределување преку ЕСП.

„Тоа не става помеѓу несекојдневен избор, да се поставиме помеѓу премиерите на Албанија и Косово, Еди Рама и Аљбин Курти, меѓу кои владее нетрпеливост, а од друга страна негуваме добри односи со двајцата, како со државници и национални лидери“, вели соговорникот на МКД.мк.

Сефер Тахири, политички аналитичар, за МКД.мк се согласува дека Алијанса за Албанците е пред голем предизвик, но и ризик, откако здружената опозиција ѝ нуди изборна соработка.

„Отворена е опцијата Таравари со неговите подржувачи во Алијанса за Албанците да се приклучи на Европски сојуз за промени и тоа да создава раздор во таа партијата“, вели Тахири.

Инаку, вчера Биљал Касами, лидерот на Беса, која е дел од ЕСП, за Радио телевизија Косово потврди дека е разговарано Таравари, како најсоодветна личност, да биде претседателски кандидат.

Касами нагласил дека Самоопределување стана дел од албанската опозиција во Македонија.

„Ќе имаме своевидна иновација, претставници или високи експоненти на Самоопределување, преку државјани на Северна Македонија, да бидат дел од изборните листи за пратеници на здружената опозиција“, рече Касами.

Не е мал бројот на политички аналитичари и од Косово кои сметаат дека вмешувањето на Самоопределување во македонските избори може да ги влоши односите меѓу Косово и Македонија. Тоа мислење не го дели Сефер Тахири.

„Нема да се влошат односите меѓу двете држави бидејќи вмешувањето на политичките партии од Косово во предизборниот процес се случува во континуитет од 1999 година, кога Косово се ослободи од Србија“, нагласува Тахири за МКД.мк.

Тахири не се согласува дека дејствувањето на косовското Самоопределување ќе предизвика сериозни тензии меѓу партиите на Албанците во Македонија и во прилог на тоа дава една политичка хронологија.

„Во периодот 1998 до 2002 година ДПА на Арбен Џафери беше во одлични односи со Демократската партија на Хашим Тачи. По војната во 2001 година, ДУИ воспостави одлични релации со хомолошката партија на Косово, произлезена од поранешната Ослободителна војска на Косово (ОВК), а ДПА како пандан имаше добри релаци со Алијанса за иднината на Косово на Рамуш Харадинај, истотака важен фактор во ОВК. Од 2006 година наваму ДУИ ги задржала одличните релации со ДПК, а албанската опозиција воспоставила одлични релации со Самоопределување и нејзиното вмешување во смисла на подршка на одредени субјекти нема да создаде никакви тензии“, вели Тахири.

Поинаков став има политичкиот аналитичар од Косово, Магбуле Скадар, кој според тоа што го пренесуваат косовски медиуми, смета дека изборното вклучување на премиерот Курти во македонската политика ќе предизвика нови поделби.

„Премиерот Курти на овој начин ги загрозува добрите односи што ги имаме со Македонија. Премиерот има доволно проблеми во Косово, нека ги решава нив, зашто ќе се доведеме на порадикални поделби од тие со кои се соочуваме со Албанија. Од моментот кога премиерот Курти учествуваше на изборите во Албанија, односите со премиерот Еди Рама почнаа да се влошуваат“, рече Скадар.

Медиумите во Косово ја пренесуваат и изјавата на поранешниот амбасадор на Косово во Скопје, Илбер Хиса, кој вели дека инволвираноста на Самоопределување во Македонија не е од вчера туку трае со години и дека Курти партијата сака да ја наметне како водечки симбол за „целоалбанско самоопределување“.

„Видовме дека Курти со својата партија се прошета и на изборите во Албанија (неуспешно, н.з.), а тоа покажува дека за косовскиот премиер не е доволна политичката функција што во моментов ја има“, вели Хиса.

Професорот Нури Беџети, сопартиец на Али Ахмети пак, вчера во телевизиско гостување на ТВ Дукаѓини, на Изет Меџити, еден од лидерите на ЕПС, му рече:

„Курти сака да внесе радикални елементи и ви порача да направите заедница на албански општини со сепаратистички тенденции, по примерот на српски општини во Косово“.

„Курти не побара такво нешто“, рече Меџити.

Беџети мисли на стара изјава на Курти кога тој се заложи и во Македонија да се формираат такви општини поентирајќи дека во Косово српската заедница е далеку помалку бројна од албанската заедница во Македонија.

МКД.мк го праша нашиот политички аналитичар Сефер Тахири, колку тука улога игра суетата на косовскиот премиер Курти и неговата желба да наметне свое влијание насроти влијанието што го има Еди Рама меѓу Албанците и во регионот.

„Секако дека има и борба меѓу Рама и Курти. Албанскиот премиер изразува отворена подршка за ДУИ и Ахмети, а Курти за албанската опозиција. Инаку, односите меѓу Рама и Курти се студени откако Курти ја отфрли идејата за размена на територии меѓу Косово и Србија, стара идеја од 2009 година, а актуализирана во 2022 год., според која со Србија ќе се припоеше дел од Северно Косово, а кон Косово дел од Јужна Србија: Прешево, Медвеѓе и Бујановац, односно Прешевската Долина. Оваа идеја беше поддржана од поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, кој сега е во Хаг, а и од Еди Рама, иако имаа длабоки несогласувања околу идејата за Отворен Балкан, која Косово ја бојкотираше. ДУИ застана зад идејата за Отворен балкан, а албанската опозиција остро се спротивстави“, вели Тахири.

Дека Курти сака да се наметне повеќе од Рама, потврдува и Шпенд Ахмети, поранешен градоначалник на Приштина, кој вели дека самиот Курти во една прилика му кажал дека сака да го прошири влијанието надвор од Косово.

„Битката со Еди Рама е битка на ега за тоа кој е најпознат, кој може да го има главниот збор. И, бевме збунети кога се случи токму да отидеме во Северна Македонија и таму да се сретнеме со Рама “, рече Шпенд Ахмети, веројатно мислејќи на конференциите на лидерите од Западен Балкан што во два наврати се одржаа во Скопје и каде Курти и Рама имаа средби.

А, за време на последната средба тие, двајцата премиери, седнаа да разговараат токму со лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари. Како се одвивал тој разговор, тешко е да се добијат информации, но според тоа што досега го знаеме колкав е ривалитетот меѓу нив и кој од нив кого поддржува во Македонија, можеме да замислиме што било кажано.

Можеби и затоа е Таравари не е на два, туку е и на три ума. Тој е меѓу Курти и Рама, како премиери на две албански држави, и Ахмети и Ковачевски, како партиски лидери на владејачка коалиција во Македонија, чиј дел, во овие моменти, е токму партијата на Таравари. A токму денеска Таравари оствари средба со лидерот на СДСМ, Димитар Коваевски, која се случува многу брзо по приштинските разговори. Воедно, Таравари демантира дека вчера бил кај лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

П.Џамбазоски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ