петок, 18 октомври 2024

Комуналец го собира ѓубрето, граѓани оставаат отпад покрај контејнери

Објавено на

часот

Сподели

Тоа е стара болка на градот и никако да се реши. Несовесни граѓани оставаат покрај конејнерите цврст и електронски отпад, со други зборови тоа што не им треба дома.

Ако ги прашате зошто тука го оставиле троседот, или скапаниот телевизор, ќе добиете одговор дека некому ќе му биде потребен и ќе си го земе. Одговорот е погрешен – веќе никој не зема стар мебел. И натаму се земаат пластични шишиња и железо.

Ако поставите прашање зошто граѓаните комотно и без страв оставаат мебел, стари врати и прозорци, гуми и што уште не крај контејнерите, одговорот е зашто нема кој да ги казни. Законодавецот предвидел казни, ама на терен не оди никој да го спроведува. 

н

                                                                         Фото: Состојба крај конејнери рано утрово

Што се однесува до превирањата во Комунална хигиена и лошите политички пораки разменети меѓу политичките партии и градоначалничката на Скопје и одделно меѓу самите партии, засега за скопјани е најважно дека ѓубрето од контејнерите од вчера попладнето се собира.

Директорката на претпријатието Косана Мазнева Николиќ вчера на прес-конференција потврди дека работата е вратена во нормала,дека  сметот редовно се чисти и дека сите вработени ги извршуваат своите работни задачи.  

к

                                                                                      Фото: Контејнери вчера попладнето

Таа рече дека помала група вработени неколку дена го блокирале редовното работење и не дозволувале да биде исчистен сметот на територијата на Скопје.  Повеќе од 15 години тие биле постојано трета смена,  а поголем дел од нив, како што рече, воопшто не се појавувале на работа, некои од нив дури и живееле и работеле во странство. 

„Градската администрација и Комунална хигиена – Скопје успешно се справи со опструкциите и блокадата на работата на нашето претпријатие од страна на мафијашките структури коишто не дозволуваа ниту еден вработен да ги извршува своите работни задачи, рече Мазнева Николиќ.

к

                                                                          Фото: Ѓубре во понеделникот претпладне

Таа додаде дека иако ги известиле надлежните институции за блокадата со која се соочува претпријатието, „на мафијашките структури им беше дозволено и понатаму да продолжат со самоволието и незаконската блокада на работата на нашето јавно претпријатие“.  

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска на прес-конференција вчера изјави дека јавноста треба да ѝ даде признание на Мазнева зашто е жена која храбро донесе одлуки против мафијата и дека таа е првиот директор кој во изминатите децении имал таква храброст. 

„Фативме луѓе коишто пет години седат во Германија, во Швајцарија, трајно се иселени и земале плата, како вработени во претпријатието. Ние не зборуваме за поединци и не зборуваме за кланови. Зборуваме за неработници, за нечесни луѓе и за мафијаши, за луѓе коишто при работниот процес извршиле кривични дела и за нив одбрана нема“, рече Арсовска.

На прашање дали се согласува со предлогот на некои градоначалници надлежностите за собирање на сметот во градот да им се префрлат ним, Арсовска одговори дека луѓето „од коалицијата ДПМНЕ-СДСМ“ играат политички игри и „како инфлуенсери се сликаат по улиците и нередот што го прават“ и треба, рече, да престанат да си играат со нервите на скопјани и нивниот интерес, односно институциите да функционираат како што треба. 

Инаку, вчера пред вработените во „Комунална хигиена“ Скопје да одлучат да се вратат на работа, скопските градоначалници одржаа итна седницата на Скопскиот плански регион.

Тие побараа кривична пријава за загрозување на здравјето на граѓаните против градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, доколку не се реши состојбата со комуналната хигиена.

Дел од скопските општини во меѓувреме побараа Град Скопје и Комунална хигиена итно да изнајдат решение за собирање на сметот во градот. Градоначалниците на скопските општини од ВМРО-ДПМНЕ ноќта во неделата почнаа да го собираат сметот со камиони позајмени од нивни колеги од други градови. Општина Центар вчера изутрина почна сама со собирање на сметот во и надвор од контејнерите.

Состојбата со сметот во главниот град и штрајкот на вработените во „Комунална хигиена“ беше предмет на неколку дневни партиски препукувања и обвинувања.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ