Британскиот адмирал кажа дека Украина се соочува со тешка ситуација, во која на војската ѝ недостигаат муниција и залихи. Американскиот Конгрес ги прекина американските пратки на воена помош, а Европската Унија не може да ја пополни таа дупка.
Радакин кажа дека членките на НАТО разговараат за тоа „како да се засили поддршката за Украина“, а вести за тоа прашање се очекуваат на самитот на НАТО во Вашингтон кој ќе се одржи во јули. Кажа дека Русија освојува мали територии, како градот Авдеевка.
„Мислам дека таа ситуација ќе трае најмалку уште неколку месеци“, заклучи Радакин. Истакна дека украинските сили нема да можат да тргнат во нова офанзива до крајот на летото или, што е поверојатно, до почетокот на следната година.
Радакин кажа и дека британското министерство за одбрана не планира да воведе задолжителен воен рок. „Не сме на раб на војна со Русија. Не нè чека инвазија. Никој во министерството за одбрана на зборува за регрутација во традиционалната смисла на зборот“, истакна тој.
Британскиот адмирал оцени дека Русија е целосно зафатена со војната во Украина и дека не претставува воена закана ни за Британија ни за источните членки на НАТО. Би можела да претставува сериозна закана кога би ги обновила залихите на тенкови, оклопни возила, проектили со долг дострел и артилерија и би се извлекла од долготрајната и тешка војна, смета Радакин.
„Не тврдам дека Русија не е опасна. Го демонстрираше тоа со агресијата надвор од својата држава, но истовремено е помалку способна од тоа што го очекувавме“, смета британскиот адмирал.