Во Србија, странското влијание не се изразува само преку медиумските наративи, туку и преку начинот на кој е структурираната власта. Моделот сè повеќе наликува на она што го гледаме во Унгарија, Турција, Русија, Белорусија и Кина: моќ концентрирана во еден лидер, медиумите и опозицијата потчинети, а патриотизмот сведен на лојалност. Овој модел не е наметнат однадвор, туку локално приспособен и нормализиран.
Во таква лажна демократија, изборите постојат, но одговорноста – не. Граѓаните гласаат, но не учествуваат.
Медиумите формално функционираат, но му служат на режимот. РТС ја игнорира опозицијата за време на избори, додека таблоидите ги прикажуваат протестите како „државни удари поддржани од странство“. Информацијата станува алатка за контрола, а патриотизмот формула за дисциплинирање на општеството.
Еден од најекстремните примери на оваа репресивна логика се случи за време на масовните граѓански протести, кога владата употреби звучен топ – уред што предизвикува физичка непријатност и потенцијално трајна штета на здравјето. Наместо да го потенцираат користењето на сила, режимските медиуми тврдеа дека граѓаните го „исценирале инцидентот“, дека „немало употреба на звучен топ“ и дека сè било дел од „странска завера“. Тоа беше ментален напад врз јавната свест и обид физичкото насилство да се претвори во медиумска фикција.
Во овој систем, патриотизмот станува тест за лојалност: критиката на државата е еднаква на предавство. Националната безбедност се проширува од реални закани, како преговорите за Косово, до идеолошки непријатели: ЛГБТ активизмот, странските невладини организации, независните медиуми.
Граѓаните се делат на „ние“ и „тие“, на Запад и Исток, на традиција и „странска изопаченост“. Некои се радикализираат, други се повлекуваат во цинизам: „Сè е лага, ништо не може да се промени.“
Глобално соучесништво и домашна стратегија
Ширењето на овој модел е овозможено од меѓународната рамнодушност. Западните влади често избираат стабилност наместо демократија. Режимот во Србија останува недопрен сè додека е партнер во безбедноста, миграцијата, регионалниот поредок и сè повеќе во снабдувањето со клучни суровини како литиум и бор. Овие ресурси, суштински за енергетската транзиција и индустријата за батерии, ја зацврстуваат западната толеранција кон авторитарните практики, бидејќи Србија станува геостратешки снабдувач, а не демократски партнер.
Србија ја користи оваа двосмисленост за да балансира меѓу Брисел, Москва и Пекинг. Авторитарните сили нудат ресурси и легитимитет. Србија го прифаќа нивниот речник и логика, не само во политичките пораки, туку и во медиумската структура, институционалната контрола и јавниот дискурс.
Таблоидите не се само пренесувачи на пораки. Тие ја обликуваат реалноста. Информативните кампањи го позајмуваат стилот и структурата на авторитарните режими: стравот како алатка (Русија), централизирано управување со наративот (Кина), контрола на медиумската сопственост (Унгарија, Турција).
Иако формално постои медиумски плурализам, неговата суштина е празна. Критичките гласови се маргинализирани, додека автоцензурата е широко распространета. Civil Rights Defenders предупредува дека јавните сервиси се претвориле во пропагандни алатки.
Како да го прекинеме шаблонот
Проблемот не е само дезинформацијата, туку системот што ја произведува. Србија усвои повеќе-слоен модел на владеење, спојувајќи ја домашната контрола со увезена авторитарна логика.
Прекинувањето на овој шаблон бара политичка промена, но досегашното искуство покажува дека режимот користи работни групи, дијалози и ветувања за да купи време, без вистинска намера за реформа.
Потезите мора да бидат конкретни:
- Да се преосмисли патриотизмот како одговорност кон заедницата, а не лојалност кон режимот. Примери се „Не давимо Београд“ и „Не дамо Јадар“, кои го бранат јавниот интерес, природата и правото на граѓаните да ја обликуваат својата околина.
- Реформа на РЕМ: деполитизација на членството, воведување јавни процеси на избор и барање транспарентни одлуки. Утврдување јасни критериуми за финансирање на јавните медиуми и создавање парламентарна комисија од повеќе партии за медиумски плурализам.
- Заштита на новинарите од политички и економски притисок преку правни механизми и независни тела, како што препорачува „Репортери без граници“.
- Промовирање медиумска писменост што ќе го разобличува изведбениот патриотизам и лажната поларизација, преку образование и платформи како „Fakenews Tragač“.
- Поддршка на транснационални мрежи на независни новинари и организации на граѓанското општество што се спротивставуваат на авторитарните норми, како БИРН и ECPMF.
- Поттикнување меѓународните партнери да ја условат соработката со мерливи гаранции за демократска отпорност, не само со реторичка стабилност.
Патот на Србија го одразува поширокото глобално ширење на авторитарните режими. Како што покажуваат извештаите на Freedom House и V-Dem, повеќе држави се движат кон автократија отколку кон демократија. Но отпорот започнува кога граѓаните ќе ја вратат информацијата како јавно добро, а не како стока во политичка трговија. Вистинскиот патриотизам не е лојалност кон режимот, туку одговорност, припадност и критичко учество.
Ова не е само српска приказна. Тоа е предупредување за сите општества каде што лојалноста ја заменува одговорноста.
Слободан Мартиновиќ
(Преземено од Республика)












