Иако одвреме навреме ќе се слушне за поимот „емпириски засновани политики“, се чини како кај нас тоа да нема смисла. Пред аргументите велат, и боговите молчат. Но не и нашите лидери.
Кога кај нас ќе се отвори тема за безбедност, расправата многу брзо се сведува на лажен избор: или професионална армија, или воен рок. Како двете да не можат да одат заедно. Токму тука, според мене, се прави првата грешка.
Следејќи ја дебатата во регионот, особено во Хрватска и Србија за потребата од враќање на воениот рок, се надевав дека и нашите лидери ќе ја отворат темата. Не како симбол на масовна армија, југоносталгија, и банкети за прослава на „машкоста“, туку како одговор на светот и безбедносните ризици во кои живеееме.
Мислев дека податоците за здравствената состојба на младите — високите стапки на гојазност, неправилниот физички развој, слабите резултати во спортот и отсуството на групен дух — од една страна, како и растечките хибридни закани од друга, конечно ќе отворат простор за посериозна дебата и за среднорочни и долгорочни решенија во наш интерес.
Како и многупати досега, Собранието без никакви емпириски докази и сериозни студии го донесе Законот за формирање на средно полициско училиште.
Мојата теза е едноставна: на државата ѝ треба професионална армија, но и поширока база на млади луѓе што минале низ обука, стекнале дисциплина и знаат што значи одговорност кон заедницата.
Затоа обидот за отворање на дебата за враќање на воениот рок не треба да се чита како носталгично навраќање во минатото, туку како обид да се одговори на новата реалност.
Од друга страна, ќе изнесам аргументи дека токму поради таа нова реалност, враќањето на средното полициско образование претставува погрешно и стратешки непромислено решение. Ако веќе треба да се прави сериозна безбедносна реформа, тогаш таа не треба да почне со средношколци во униформа, туку со систем на воен рок на возраст кога личноста е доволно зрела за избор, обука и одговорност.

Зошто треба да се врати служењето на воен рок
Воениот рок не е анахронизам, туку одговор на новата безбедносна реалност. Одбранбените системи се разликуваат од држава до држава. Но по децении пацифистички илузии и верување дека Европа засекогаш влегла во „крајот на историјата“, денешната реалност повторно го отвора прашањето за воениот рок таму каде што тој беше укинат.
Во Србија и Хрватска веќе има решенија и почетна организација, а и во дел од европските држави оваа тема повторно се отвора како легитимен одговор на геополитичката нестабилност, хибридните закани и ограничените капацитети на чисто професионалните сили.
Тоа значи дека воениот рок денес не се враќа затоа што некој сака да оживее еден стар свет, туку затоа што новиот свет бара поширока распределба на подготвеноста. Кога ризиците стануваат долготрајни, дифузни и непредвидливи, државата не може да се потпира само на мал број професионалци. Потребна ѝ е општествена длабочина, а таа се создава само ако значителен дел од населението помине низ основна обука, стекне дисциплина и разбере што значи да се биде дел од системот за одбрана и заштита.
Безбедноста не ја одржува само државата
Во време на долга комфор-зона, модерните општества развија опасна навика безбедноста да ја земаат здраво за готово. Како вода, струја или интернет – таа постои, па престанавме да размислуваме од каде доаѓа и кој ја одржува. Но безбедноста, за разлика од секоја друга јавна услуга, се забележува дури тогаш кога ќе исчезне. Еден сајбер-напад, еден енергетски прекин, една поплава, еден земјотрес или сериозна кампања на дезинформации се доволни за да нè потсетат дека стабилноста не е природна состојба, туку резултат на постојана подготвеност.
Токму тука е вистинската вредност на воениот рок: нè потсетува дека државата не е апстрактен апарат надвор од нас, туку форма на нашата заедничка одговорност.
Ниту една држава нема капацитет да заштити целосно пасивно население при посериозна криза. Обучените граѓани се основен предуслов за да опстои системот кога ќе биде ставен под стрес.
Воениот рок создава чувство на припадност
Воениот рок во таа смисла не е само физичка подготовка; тој е механизам на социјализација. Кога младите заеднички поминуваат обука, кога делат обврски, напор и дисциплина, тие создаваат конкретно чувство за заедничка припадност што не се гради преку декларации и политички говори.
Униформата не ја брише индивидуалноста, туку потсетува дека индивидуалната слобода може да опстане само во рамки на заштитена и функционална политичка заедница. Во време на силна фрагментација, тоа е непроценлива општествена корист.
Обуката развива социјална интелигенција, дисциплина и навики што недостасуваат
Еден од најпотценетите аргументи во прилог на воениот рок е неговото влијание врз формирањето на карактерот. Возраста меѓу 18 и 25 години е период во кој се кристализираат навики, морални компаси, однос кон работа, чувство за должност и способност за соработка. Во ера на дигитална изолација и хипериндивидуализам, многу млади луѓе растат во средина што ги охрабрува да гледаат на светот како на продолжение на сопственото „јас“, а не како на простор во кој мора да се дели одговорност со други.
Воениот рок има потенцијал да го коригира токму тоа. Тој не создава слепи послушници, туку луѓе што учат како да функционираат во тим, како да почитуваат хиерархија заснована на знаење и одговорност, како да извршат задача под притисок и како да преземат дел од товарот за другите. Тоа се навики без кои не функционира ниту една заедница: да дојдеш навреме, да ја завршиш задачата, да можеш да се потпреш на другиот и другиот да може да се потпре на тебе.
Генерација што ќе помине низ ваква обука не ги остава тие навики во касарната, туку подоцна ги пренесува и во болници, училишта, компании и администрација, правејќи го целото општество пофункционално.
Современиот воен рок значи практични вештини за преживување и дејствување во криза
Денешните закани не се само класични воени судири. Се соочуваме со екстремни временски непогоди, шумски пожари, поплави, земјотреси, саботажи на критична инфраструктура, кибер-напади и координирани кампањи на дезинформации. Во такви услови, на државата не ѝ требаат само борбени формации, туку и луѓе кои знаат што да прават во првите часови од криза. А токму тука современиот воен рок може да биде огромен, сè уште неискористен ресурс.
Наместо младите да останат функционално зависни од удобностите на урбаниот живот, системот може да ги оспособи за конкретни и животно важни вештини:
– основна прва помош, евакуација, тријажа, справување со пожар во почетна фаза, логистика, ориентација, ракување со опрема, организација на локална заштита, однесување при земјотрес и поплава.
Кога ќе се случи голема несреќа, професионалните служби секогаш се ограничени по број и ресурси. Токму за таа прва реакција се потребни обука, рутина и чувство за ред.
Воениот рок е неопходен лек против културата на зависност и „хеликоптер родителството“
Но ова прашање не е само безбедносно. Има и јасна психолошка димензија.
Адолесценцијата не е само биолошка транзиција, туку период во кој младата личност мора да научи да живее без постојан заштитнички штит. Но модерната култура, потхранета од „хеликоптер родителството“, често произведува спротивен ефект: презаштитени млади луѓе кои знаат многу, но не се навикнати да поднесат одговорност, напор, неизвесност и неуспех. Со најдобра намера да ги заштитиме од стрес, ние им ја намаливме способноста самостојно да ги решаваат проблемите.
Современиот воен рок може да биде контролирана и институционално безбедна форма на излегување од комфор-зоната. Тој би им помогнал на младите да изградат самодоверба преку реални предизвици, да научат дека неуспехот не е трагедија, туку лекција, и да стекнат базична животна издржливост што кај добар дел од младите денес очигледно е ослабена.
Без такви генерации, државата секогаш ќе има формални институции, но нема да има доволно силно човечко ткиво што ќе ги одржи тие институции живи во криза.
Отпорноста се вежба, не се пропишува
Во децениите што доаѓаат, главната мерна единица за национална безбедност нема да биде само бројот на тенкови, авиони или висината на буџетот. Поважно ќе биде колку општеството може да издржи удар без да се распаднат неговите основни функции. Токму тоа денес најчесто се нарекува отпорност.
Воениот рок, ако е современо организиран, под строг надзор и со јасни стандарди, може да создаде токму таква „мускулна меморија“ на заедницата. Обучени граѓани што знаат како да реагираат, кого да слушаат, како да се организираат и како да помогнат, стануваат првиот амортизер на секој шок. Оттука, воениот рок не е трошок за државата, туку инвестиција во човечки капитал, во функционалност и во национална отпорност.
Зошто е грешка средното полициско
Тоа е решение за минато општество, а не за безбедносните предизвици на 21 век. Обновувањето на средното полициско училиште на прв поглед може да изгледа како враќање на една препознатлива традиција, но токму во тоа се крие проблемот: Тоа што нешто постоело порано, само по себе не значи дека е добро решение и денес.
Решенијата што можеби биле функционални во 1970-те или 1980-те не можат механички да се пресликаат во денешен контекст. Општеството е поинакво, младите се поинаку социјализирани, криминалот е поинаку структуриран, а безбедносните предизвици се технолошки и хибридно многу посложени.
Денес не живееме во време кога полицаецот се подготвува за еден предвидлив модел на јавен ред, туку за средина во која се испреплетуваат киберкриминал, организирани мрежи, психолошки операции, дигитални докази, комплексни човекови права и јавна комуникација која е постојано под лупа на јавноста. За таков свет не се создава квалитетен кадар со рециклирани модели од минатиот век, особено не преку затворен образовен систем што почнува премногу рано.
На 16 години не се носи зрела одлука за професија што вклучува оружје, сила и висок стрес
Најсилниот аргумент против средното полициско образование е човечкиот и развоен аргумент. Дете на 16 години не е психолошки, емоционално и социјално зрело за да донесе конечна одлука за професија што подразбира носење оружје, примена на сила, работа во конфликтни ситуации и постојана изложеност на стрес. Државата не смее прерано да го насочува животниот пат на младите во толку специфична и ризична професија. Тоа не е како избор на општ стручен профил; тоа е селекција за професија со реална моќ на принуда и висока одговорност. Моќ и овластување да употреби смртносна сила.
Да се верува дека на 16 години веќе може сигурно да се види кој ќе биде добар полицаец или старешина е и погрешно и ризично за самиот систем. Многу млади луѓе дури по полнолетство почнуваат да сфаќаат каде им се способностите, границите, вредностите и мотивацијата. Затоа секоја прерана професионална фиксација во ова поле носи ризик државата да создава кадар по шаблон, а не според реален потенцијал.
Средното полициско отвора повеќе практични и етички проблеми отколку што решава
Aко ваквиот модел навистина се замислува како интернатски систем, тогаш се отвора цела низа прашања на кои досега нема убедлив одговор. Дали постојат доволно финансиски средства државата да ги издржува овие ученици? Дали изборот ќе биде транспарентен и меритократски, или ќе се претвори во уште еден канал за партиски и неформални препораки?
Како точно ќе се проценува лидерски или старешински потенцијал кај млади луѓе што сè уште се во пубертетска и рана адолесцентна фаза? Што ако ученикот сфати по една година дека тоа не е негов пат? Дали ќе му се ограничи правото на слободен образовен избор? Дали ќе се соочи со финансиски санкции, административни пречки или стигма?
Секое од овие прашања е сериозно и покажува дека средното полициско не е само образовна иновација, туку систем со висока цена, висок ризик и ниска флексибилност.
Наместо да го отвори системот кон талент и зрел избор, тој лесно може да го затвори во рано профилирани групи и клиентелистички механизми.
Вистинската селекција за униформирани професии треба да се прави по зрелост, не во детство
По повеќедецениско искуство со обуки во безбедносниот сектор, суштинската лекција е едноставна: вистинскиот потенцијал за униформирана професија најдобро се препознава подоцна, преку реални предизвици, физички и психолошки тестови, дисциплина, работа под стрес и набљудување на карактерот во практика.
Токму затоа современиот воен рок е далеку поприроден и поправеден филтер. Во таков систем, на возраст од 18 или 19 години, кога личноста е веќе пооформена, може да се види кој навистина има мотивација, самоконтрола, чувство за служба и ментален капацитет за работа во полиција, пожарна, итна помош, цивилна заштита или армија.
Наместо државата однапред да претпоставува кој ќе биде добар кадар уште во средно образование, многу поразумно е да создаде широк, општ систем на обука преку кој природно ќе испливаат најспособните. Тоа не е само поефикасно; тоа е и поправедно кон младите.
Средното полициско создава ризик од рано затворени касти наместо современ, отворен и професионален систем
Секој затворен модел на рана институционална селекција во униформираните професии носи опасност да создаде чувство на посебна каста уште пред да се формира зрела професионална етика. Наместо систем што постојано се обновува со различни профили, искуства и зрели кандидати, се добива тесен канал низ кој еднаш влезените се доживуваат како „предодредени“ за служба.
Таквото рано профилирање не е добро ниту за полицијата, ниту за општеството. Современата полиција треба да биде отворена, професионална, правно прецизна, комуникациски способна и психолошки стабилна служба. За таков профил се потребни зрели личности со пошироко искуство и свесен избор, а не деца што прерано се насочени во систем кој може да ги заклучи и пред да ја запознаат сложеноста на светот надвор од училиштето. Затоа не мислам дека средното полициско е модернизација. Повеќе личи на враќање кон модел за кој времето одамна поминало.
Ако државата навистина сака да гради силен безбедносен систем, тогаш треба јасно да ги разликува приоритетите.
Првиот приоритет е враќање на современо конципиран воен рок – под строги стандарди, со цивилен надзор, со можности за алтернативна служба и со фокус не само на одбраната, туку и на заштитата, спасувањето, дисциплината и градењето отпорност. Тој модел создава обучени граѓани, препознава талент, развива карактер и го зајакнува општественото ткиво.
Вториот приоритет е да се напушти илузијата дека проблемите на безбедносниот сектор може да се решаваат со враќање на средно полициско образование како носталгичен одговор на современи кризи. Тоа е погрешен правец, затоа што рано професионално калапи деца, отвора етички и финансиски дилеми и се темели на логика што повеќе не одговара на времето во кое живееме. Затоа изборот треба да биде јасен: не средно полициско образование, туку задолжителен и современ воен рок. Не како ретроградно враќање назад, туку како најисплатлива инвестиција во човечки капитал, во институционална функционалност и во држава што знае да опстои кога ќе дојде кризата. На крајот, работата е прилично јасна: држава не се брани само со институции, туку и со луѓе што знаат како да се однесуваат кога работите ќе тргнат наопаку.
Александар Иванов












