недела, 27 јули 2025
Братислав Димитров

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Животни приказни

Најголемата тајна на огнот

Секој копиљ од мојата генерација сонуваше да биде полицаец, пожарникар или барем Џон Вејн. Кога се исфрливме по образите со бубуљичиња (познати по терминот „нејебици”) плановите се сменија.

На семејните прослави пред многубројните гости, на прашањето што ќе бидеме кога ќе пораснеме, секој од нас гласно извикуваше: економист, правник или доктор! Денешниве деца сакаат да бидат политичари, пејачи или манекени. Како што тргнал светов и веков, следните деца ќе сакаат да бидат… оставени на раат! Јас прво сакав да бидам електричар, ама нешто се искомплицира и станав носталгичар! Не се жалам, има предности. Особено кога ќе се споредам со оние што се пентарат по бандери за да сменат улични сијалици, кои не издржуваа повеќе од неколку дена. Заради нашите жили со камен, познати во тогашната воена индустрија како „чатали”.

Во социјализмот секој сакаше да работи во салон за мебел, каде што ќе ги тестира душеците за спиење, но таквите места беа резервирани само за највредните работници. Јас сакав да бидам електричар затоа што не можев повеќе да гледам како татко ми се нервира додека става жички во оние бушони, кои редовно пробиваа кога ќе вклучевме истовремено решо и леткум! Немав поим што значи „рестрикција на електричната енергија”, но со часови и години зјапав во запалените свеќи кои се бореа со црните прамени на темнината, која беше наше често друштво затоа што сѐ уште не беше решена фамозната формула: „Индустријализација + електрификација = социјализам“.

Таа 1968 година се случи голем настан. Во нашето маало се појави првиот вистински кожен фудбал! Стоевме подзинати во побожна тишина и долго гледавме во тоа чудо како во градникот на Џејн Менсфилд. Тоа е истата онаа буба-мара што ја шутираа Пеле, Гаринча, а подоцна и Васе Рингов! Пред да се појави овој голем пронајдок, ние трчавме како улави по онаа гумена топка која нервозно скокаше во разни правци кои за нас беа непредвидливи. Топката беше  на Симче, а му ја прати вујче Клерк (Киро) од Америка, заедно со копачки и дрес од ФК Космос! Стоевме во редица за да ги видиме и да ги пипнеме тие таинствени работи кои доаѓаа од некој далечен и непознат свет.

Симче имаше 7 години, алови пеги на прчестото носе, клемпави уши, заби на зајаче и неколку „вртљаци” на вечно разбушавената тимба. И што е најважно, имаше душа поблага од мед. Нѝ  го даваше фудбалот и тогаш кога тој не играше. Не беше како оние педерчиња, кога ќе ги викнат од дома, си ја земаа топката под испотената мишка и си одеа среде натпреварот! Подоцна многумина од нив станаа новинари и политичари, а двајца и режисери. Само Симче стана легенда. Тој е еден од ретките што го оствари својот сон од детството иако настанот беше тажен и нѐ следеше како сенка уште многу оловни години…

Таа година госпоѓата есен ги плетеше своите најубави чипки и тантели не штедејќи го своето сребро и злато. Имаше многу венчавки, свадби и крштевки. Се правеа пифтии, салеп и ванилици. Тогаш летаа бубамари, светулки и пеперутки, а ние игравме фота, долга магарица и бззз… И додека ние гледавме во иднината како во шарена боенка, дваесетишестгодишната мајка гледаше во своето синче како умира во последната фаза на леукемија. Една ноќ, откако нежно го фати за рачето, тивко го праша: „Симче дали некогаш си фантазирал за тоа каков живот сакаш да имаш?” Симче никогаш не го видел татка си и затоа ја имитираше мајка му Невенка  која беше храбра жена. „Мамо, од секогаш сум сакал да бидам пожарникар кога ќе пораснам”.

Тогаш ја викнаа Пауна, најдобрата бајачка во овој дел на светот и што е уште поважно, жена на Стоилко, шеф на пожарникарската бригада. Се сетија на една вистинска приказна од Америка и почнаа со планот. Му направија пожарникарско униформиче, со шлемче, жолто кабаниче и гумени чизмички и го прогласија за почесен пожарникар. За среќа, уште другиот ден имаше три повици за интервенција и Симче сите три пати одеше со пожарникарите. Се возеше со пожарникарските камиони, со болничкото возило, па дури и со возилото на водачот на бригадата. И бидејќи му се оствари сонот и постојано беше опкружен со љубов и внимание, Симче беше толку многу трогнат што живееше три месеци подолго отколку што лекарите сметаа дека може да издржи.

Една ноќ нагло почнаа да му откажуваат сите витални органи. Дежурната сестра итно ги повика неговите најблиски за да не биде сам додека го напушта овој свет. Ние од 1-а одделение стоевме во болничкиот двор со залепени погледи на неговиот прозорец на третиот кат. Тогаш според договорт, во дворот со голема брзина, запалени светла и гласни сирени влетаа пожарникарски возила! Десетина пожарникари ги поставија скалите на фасадата и влегоа низ прозорецот во неговата соба! Симче видно возбуден и радосен, со последните трошки сила го прашал шефот на бригадата: „Шефе, дали сум јас вистински пожарникар?” Стоилко откако ја закачил пожарникарската значка на неговото пижамче со гордост му рекол: „Ти си вистински пожарникар!” Симче радосно се насмевнал и за последен пат ги затворил очите. А ние уште долго време гледавме како неговата душа како глуварче лета кон бескрајното небесно индиго.

Тогаш Пауна ритуално ја симна шамијата од своето избраздено чело, прошепоти неколку шушкави реченици кон ѕвездите и пополека се сврте кон нас. И откако нѐ погледна како луѓе што се потпишуваат со палец, со глас на школско ѕвонче свечено изјави: „Ќе дојде денот кога, откако ќе ја совладаме вселената, ветровите и гравитацијата, ние, наместо со Господ, ќе управуваме со силата на љубовта. Тој ден, по втор пат во историјата на светот, ќе го откриеме огнот!” Патем му се извини на Џордано Бруно и отиде да прави зелник со праз. А ние останавме сами во таа есен како пупунци наредени на жица, како мразулци на стреа, како бедни роднини пред авто салон на ролс-ројс…

Беше 21 снежник (декември) 1968 година, ден на Светата великомаченичка Анастасија и дедо Господ почна да ги фрла првите снегулки за санките што ќе ги носат новогодишни пакетчиња.  Многу години подоцна, на една важна седенка пред гранапче, Боне Кант „закуца тројка” со следните одбрани зборови: „Огнот е мистерија. Чудо невидено. Колку повеќе гледаме во него, сѐ помалку го разбираме”.

Многу години подоцна разбравме дека бадијала сме гледале надвор. Надвор нема ништо. Сѐ што се случува е длабоко во нас. Таму е и огнот!

Братислав Димитров

МИА

КОЛУМНИ

Слободан Мартиновиќ

Трансакциска вистина: Како медиумите под контрола на режимот во Србија стануваат...

Билјана Ванковска

Сте слушнале ли за Ш’иѕан?

Јове Кекеновски

Кафкијанство по македонски: кога правдата станува театар

Ристо Цицонков

Клима уредите треба правилно да се користат

Љубомир Кекеновски

Изгубениот дух на Европа

Светлана Јовановска

Како ЕУ се загуби во меѓународното право?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ