понеделник, 8 декември 2025
Сотир Лукровски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Карпош мора да биде безбеден за децата, за сениорите, за сите нас!

Во секоја модерна, демократска општина, безбедноста е повеќе од само физичка заштита, тоа е предуслов за достоинствено секојдневие, за рамноправна партиципација на граѓаните во јавниот живот и за вистински развој. Карпош, кој одамна важи за една од најживите и најурбани општини, денес е парадокс: има потенцијал, но му недостига темелен и урбан систем и поредок кој ќе биде почитуван и застапуван, без исклучоци.

Моментално, најмладите се движат до училишта низ сообраќајна анархија, чекорат на улица заедно со возилата во погон на движење. Возрасните, мајки со бебиња во колички, се принудени да чекорат по улици, затоа што тротоарите им се одземени од „безбедно” паркирани возила на соседите. Велосипедистите немаат бележана инфраструктура па кога ќе се случи незгода секој со секого се обвинува и морализира на Фејсбук! А јавните површини ги контролираат глутници од улични кучиња кои се донесени од надвор, а и солидно се размножуиваат на територија на општината. Сето ова не е прашање на вкус — тоа е прашање на безбедност, здравје и цивилизираност. Затоа мојот став е јасен, да го вратиме Карпош на граѓаните. Ќе воспоставиме ред кој почнува од страна на сите граѓани.

Безбедноста на децата  е примерна должност

Во средината на К3 и К4, пред училиштата и градинките, секое утро и секој крај на наставата се претвора во импровизиран сообраќаен хаос. Родителите сами регулираат премини, наставници стануваат редари, а децата се движат меѓу коли, трчаат покрај тротоари окупирани од возила и ја учат сообраќајната безбедност преку инстинкт, а не преку ред и воспоставен систем. Тоа не е урбанизам. Тоа е откажување од обврска и должност!

Затоа на таа тема мојот план предвидува:

Подигнати и светлосно означени пешачки премини околу секое училиште и градинка, за визуелно и физичко забавување на сообраќајот;

Столбчиња на секоја општинска улица и јасно бележани паркинг простори, со што пешачките зони повторно ќе станат пешачки а не гратис паркинг;

Лежечки полицајци кои значително ќе ја намалат брзината на возилата во движење;

Стратешки распоредени општински редари во клучни часови – не како декор, туку како реална заштита;

Поставување столпчиња каде што тротоарите се узурпирани.

Безбедноста не смее да зависи од моменталното вниманието на возачите, таа мора да биде вградена во инфраструктурата со јасни правила, контрола и казни.

Тротоарите се за луѓето, не за автомобилите

Карпош живее во урбан апсурд: луѓето се движат по улица, а колите мируваат на тротоар. Овој тренд, кој на почеток можеби изгледал како „привремена нужда“, прерасна во трајна урбана девијација за да не се замеруваме со соседите –“гласачите”.  За жал прифатена е низ цело Скопје, личиме повеќе на бела Африка а се декларираме како метропола. Во било кој град во внатрешноста има ред, само кај нaс изостанува поради системски решенија. Нема потреба од нови закони, постојат! Нема потреба од дополнителни истражувања, студии и анализи,  многу добро знам што ни треба!!

Потребна е волја, инспекциска контроли и видлива физичка инфраструктура.

Јас ќе обезбедам: столпчиња по целата должина на улиците каде што тротоарите се узурпирани, редефинирање на паркинг зоните, со јасни рамки каде смее и каде не смее да се паркира и истите зони ќе бидат физички заградени и недостапни за автомобили; реобмислување на урбаната мобилност – пешачки зони, споредни површини, визуелна навигација за граѓаните.

Пешачката култура не се гради со апели, таа се се гради со јасна урбана географија и истрајност.  Не секое чудо за 3 дена…

Велосипедот како примарно превозно средство

Ако сакаме здрава општина, со помал сообраќаен притисок, помало аерозагадување и повеќе младинска мобилност, велосипедот мора да добие приоритет во сообраќајниот простор. Но затоа, предуслов е да се створи безбедна инфраструктура во Карпош.

Новиот сообраќаен поредок предлагам да вклучи целосна велосипедска мрежа, поврзувајќи ги сите населби: Бардовци, Жданец, Трнодол, Влае, Карпош 1. Кога станува збор за велосипедска мрежа тоа подразбираме решенија на ниво на Утрехт или Копенхаген, каде урбанисти знаат што прават.

Физички одвоени велосипедски патеки, со обележани влезови и излези, без прекини од автобуски постојки, контејнери и слепи точки.

500+ велосипедски паркингзи кај училишта, пазари, спортски терени, културни институции.

Кампања на терирорија на Карпош за велосипедска едукација и промоција, особено за средношколци и млади семејства.

Нема модерна општина без велосипедски град, а Карпош  по својата географија ги има сите предуслови за да  биде токму тоа.

Проблемот со уличните кучиња ќе биде решениe со хуманост, но и со одлучност! Доста е!

Не постои безбеден јавен простор ако чопори од 10-на големи кучиња шетаат низ училишни дворови, игралишта и паркови. Да, животните заслужуваат хуман третман. Но, граѓаните заслужуваат мир и сигурност. Досегашната неактивност и инертност создаде криза, страв кај граѓаните. Јас морам да реагирам!

Итна дислокација на сите улични кучиња од територија на Карпош. Знам дека и од другите општини ќе мигрираат, но ќе го повторуваме процесот. Кога и другите градоначалници увидат дека има ефекти од оваа моја мерка, ќе се здружиме. Веќе и разговаравме на оваа тема со кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Соработка со прифатилишта и ветеринарни служби за згрижување, стерилизација и идентификација. Ова е возможно само со јасно одвоен буџет од општината секоја година додека 2 години по ред не видиме ниеден уличен пес кај нас во Карпош.

24/7 линија за пријава на опасни појави и мобилна служба за интервенции.

Кампања за одговорно сопствеништво и спречување на нови случаи.

Карпош мора да биде општина во која детето не прашува „ќе има ли кучиња кај игралиштето?“, туку само, каде да играме денес?

Сениорите, нашиот тивок капитал, време е да ги вратиме во фокусот

Денес во Карпош има луѓе со над 80 години кои не излегуваат надвор, не затоа што не сакаат, туку затоа што не можат. Корени од дрва, неискастрени гранки кои попречуваат слободно движење по тротоарите, мрачни и неосветлени тротоари, отсуство на рампи. Во најурбаната општина, сениорите се во добар дел исклучени од јавниот простор. Мојата програма за оваа категорија на карпошани предвидува инфраструктура со пристап за лица со намалена подвижност: рампи, лифтови, пренамена на влезовите, пешачки патеки на кои непречено ќе се движат, клупите во парковите и маалата кои се нивен единствен собирен пункт мора да бидат редовно сервисирани.

Карпош е општина што може да си дозволи 10 греди/талпи и малку боја на годишно ниво за изгледа нормално.

Осветлување на улиците, околу аптеки, маркети и други јавни простори мора да биде на подобро ниво од сегашното. Не смеме да дозволиме постарите граѓани да излегуваат само преку ден, тие мора да ја уживаат слободата на движење исто како и сите останати.

Програми за активно стареење, со урбани елементи што поддржуваат движење, одмор и социјализација. Ова е во прва фаза, а втората фаза да вклучи и мултигенерациско поврзување преку училиштата.

Гласот на возрасните граѓани во Карпош мора да биде слушнат, Карпош нема да ги памети само како гласачи, туку како советници.


Да резимирам, јас лично го гледам Карпош како улица каде што децата се движат со насмевка, тротоар по кој сениорите одат со сигурен чекор, општина на храбри луѓе кои не се плашат од реформи, туку ги бараат активно. Јас сум Сотир Лукровски и тиe што ме познаваат знаат дека не ветувам тоа што не можам да го исполнам. Имам тим, мудрост и сила, и секако барам да ги направиме овие промени заедно, за наше добро. Така и ќе биде!

 

Сотир Лукровски,

кандидат за градоначалник на општина Карпош, ВМРО-ДПМНЕ

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ