понеделник, 16 февруари 2026
Кристина Пота Радуловиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Дали „никогаш не се откажувај“ секогаш е вистинската порака?

„Никогаш, никогаш, никогаш не се откажувајте!“ е реченицата што Винстон Черчил ја изговорил во говорот што го одржал во училиштето во кое бил ученик во своите момчешки години. Таа е дел од неговата порака за неустрашивоста и неоткажувањето дури и тогаш кога на сите други им изгледа дека е крај, за непредавањето на стравот и болката и бескомпромисното верување во она што за другите изгледа како чудо.
Илустрација: Сцена од филмот „Старецот и морето“ на Џон Стурџис, според романот на Ернест Хемингвеј

Често е цитирана во различни контексти, а се користи и како една од метафорите во Реалитетната терапија.

Кои пораки се содржани во оваа реченица и што е она што ја чини привлечна за оние што ја користат? Во кои ситуации си ја упатуваме себеси или на другите? Дали пораката за неоткажување е универзална и дали треба секогаш да ја користиме, во сите ситуации и за сите цели, или само во одредени контексти? Која е улогата на контекстот?

Упорност и фрустрација

Неоткажувањето во афирмативна форма значи упорност. Упорноста ни е неопходна за преживување и подразбира толеранција на фрустрацијата. Да се издржи доволно долго, до победа. Да се продолжи кон целта и покрај тоа што ја нема на видик и покрај потешкотиите, застојот и незадоволството.

Учењето и усвојувањето нови вештини е процес. Постигнувањето свесност и увид исто така. Учиме да одиме, да држиме молив, да пишуваме, да проценуваме и да правиме избори. Тој процес не е секогаш пријатен, понекогаш бара доста време и трпение за да усвоиме некоја вештина, да усвоиме одредено знаење и да ја постигнеме целта. Истото важи и за созревањето. Успехот и созревањето не се случуваат преку ноќ, туку со тек на време и посветено занимавање со материјата.

Фрустрацијата е незадоволство и несигурност што ги чувствуваме кога сме неуспешни во решавање на проблемот. Често е неодвоива од учењето и имаме можност да ја осетиме по секој неуспешен обид. Затоа е и една од главните причини поради кои се откажуваме. Бараме задоволство и сигурност на друга страна. Фрустрацијата може да биде јака и на граница на издржливост и затоа во споменатиот цитат упорноста е нагласена три пати со еден ист збор, кој е апсолутен и исклучив – „никогаш“.

Под ниеден услов, од ниедна причина

„Никогаш“ е збор што е исклучив и кој подразбира – под ниеден услов, од ниедна причина. Никогаш. Не остава ни малку простор за откажување, не гледа оправдувања и причини. Делата што се доживеани како херојски опеани се со пораки за упорност и неоткажување.

Херојството често подразбира натчовечки напори што завршуваат со успех. Херојства прават луѓе што со своите карактеристики упадливо се издвојуваат од другите, во таа мерка да нивните напори се доживуваат како натчовечки. А натчовечките напори сепак се човечки, бидејќи ги прават луѓе што успеваат да направат и постигнат нешто неочекувано и неверојатно. Тоа е многу повеќе од тешко. „Борбата создава херои“ е една од пораките што можеме да ги добиеме од овој цитат.

Неоткажување и откажување – апсолутни или релативни вредности?

Во различни контексти неоткажувањето е нагласено како начин и пат да ги оствариме своите цели. Во склад со тоа, на откажувањето се гледа како на слабост и на однапред признаен пораз. Дали е тоа баш така? Што се случува кога упорно не се откажуваме од лоша врска, лоша работа, лоши луѓе и лоши навики? Дали можеби постојат ситуации кога откажувањето е мудрост, чувар на нашето здравје и пат кон целта? Дали можеби неоткажувањето и откажувањето се релативни категории и зависат од контекстот?

Пораката, нејзиниот контекст и Гешталт-терапијата

Според теоријата на поле, која е еден од основните концепти на Гешталт-терапијата, луѓето и настаните се неодвоив дел од полето во кое заедно постојат и формираат една целина. Полето е целина во која сите негови делови се меѓусебно поврзани и влијаат едни на други.

Така и концептот на неоткажување, искажан во реченицата „Никогаш, никогаш, никогаш не се откажувајте“ е неодвоив од контекстот во кој е изговорен. Контекстот во кој го употребуваме е многу важен. Подеднакво важен како и самата порака. Пораката и контекстот во кој таа се наоѓа формираат единствена целина, која е многу повеќе од прост збир на нејзините делови. Според теоријата на Гешталт-терапијата, таа целина има свој квалитет – сопствен, нов, единствен квалитет и не е прост збир „порака плус контекст“.

Доколку не водиме сметка за контекстот и на неоткажувањето инсистираме по секоја цена, ризикуваме добивката да биде несразмерна во однос на загубата. Ризикуваме победата да ја претвориме во пораз. Затоа е важен контекстот.

Во нашиот речник постои и израз „извадено од контекст“, кога сакаме да нагласиме значајна промена на значењето и најчесто погрешно толкување на нешто кога тоа се употребува одвоено од контекстот на кој му припаѓа.

Во споменатата порака, упорноста и неоткажувањето се нагласени со повторување на еден од најисклучивите зборови – „никогаш“. По ниедна цена. Дали? Од кои цели не се откажуваме по ниедна цена, а кога е време за промена на целта? Како да го препознаеме тој момент? Кој ја испраќа оваа порака и кому? Во каква релација се? Каков е тонот на пораката – поддржувачки или заповеден? Ова се некои прашања што можат да ни помогнат да станеме свесни за контекстот.

Пораките за неоткажувањето, како што е „Никогаш, никогаш, никогаш не се откажувајте“ за некои од нас можат да звучат инспиративно, а некои од нас можат да ги доживеат како немање слобода на избор. Тие можат да бидат моќен здив на поддршка со која ги затегнуваме своите едра кога ќе потфрли поддршката од околината или да бидат пораки со кои се оптоваруваме да истраеме во нешто што не сакаме. Тоа е индивидуално за секој од нас и поврзано е со контекстот на кој му припаѓаме. Наше е да бидеме свесни. Свесни за себе, за своите потреби и за својата околина. За почеток.

Кристина Пота Радуловиќ

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Кој се плаши од кинеска опера?

Братислав Димитров

Најдолгата ноќ на Изабел

Александар Иванов

Зошто „импакт факторот“ може да го истисне македонскиот збор и да...

Билјана Ванковска

Зa уште една „мртвородена“ реформа на високото образование

Ристо Цицонков

Становите не се обична трговска стока, туку простор за хумано живеење

Џефри Д. Сакс

Иранскиот сеопфатен мировен предлог до САД

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ