Кусиот опис на сегашниот историски момент е дека над светот често се надвиснува темен облак на можна трета светска војна, а дипломатијата е мртва (заедно со ОН кои се во коматозна состојба). Да биде иронијата на судбината поголема: ова е и време на геноцид, каков што не сме виделе досега, а кој ни се одвива буквално пред очите. Холокаустот не смее да се заборави, ама ќе останат ли луѓе да го паметат и запишат во историските книги геноцидот врз Палестинците?
Веројатно, централното прашање кое сега треба да се постави е: дали фашизмот е дефинитивно победен? Што е со неофашизмот? Во какви форми се појавува или прикрива? Но, наместо овие прашања, тема на денот (особено во ЕУ) е кој не смее да присуствува на големата парада на Црвениот плоштад во Москва. Каја Калас, шефицата на надворешната политика на Унијата, веќе се закани со санкции или морална осуда на секој политички лидер што ќе застане покрај рускиот претседател Владимир Путин на големата прослава. Можеби ова не треба да нè зачуди кога доаѓа од првиот „европски дипломат“ кој отворено повикува на распаѓање на Руската федерација, па дури и војничка победа – за да потоа ЕУ се справи со Кина!?
Оваа дебата (ако така може да се нарече) преку медиумите (вклучително и преку социјалните мрежи) се пренесува на пониско, општествено ниво. Но, тука во заседа ве чекаат разни фактчекери, моралисти, полицајци на мислата и слични. За жал, и луѓе кои ги познавам со години и за кои сметам на дека стоиме на исти или блиски морални и идеолошки позиции истапија со следниот став: присуството на парадата во Москва, додека војната во Украина сè уште тече, е рамна на одење на Олимпијадата во Берлин организирана од Хитлер во 1936 година. Не треба подлабока анализа за да се сфати нишката на размислување: Путин е исто што и Хитлер, тој е злосторникот (можеби и фашистот) па затоа секој кој држи до меѓународното право и морал треба да го игнорира. Се разбира дека станува збор за стара испробана пропагандистичка мантра на Западот е дека секој што треба да се дехуманизира (да биде претставен како монструм) се споредува со историското олицетворение на злото. Потоа, против таквиот лидер и систем може да се преземат сите мерки, вклучително и оние кои се косат со меѓународното право. Во прв ред е Хитлер, но сетете се како слична улога повремено им беше давана и на Милошевиќ, Садам, Гадафи, Асад, Ким Џонг Ил и сл.
Би можела овде да продолжам со редење историски факти, бројки на загинати цивили и војници (каде СССР предничи пред сите) и слично. Но, ми се чини поважно да се каже дека кон настаните од пред 80 години луѓето почнуваат да се однесуваат како да се парички за поткусурување во сегашните геополитички случувања. Морализирање до бесвест, кое нема ништо заедничко со споменот и респектот за загинатите. Целата поента на ваквите јубилеи и одбележувања е токму покажување пиетет кон сите кои ги положиле животите на олтарот на слободата, но и заложбата да не се повтори глобална трагедија од такви размери. За жал, битката на наративите започна веднаш по завршувањето на Втората светска војна. Дури настана и трка околу точниот датум на Денот на победата – 8 или 9 мај, според временската зона во Европа или во Москва. А историските факти кажуваат дека на терен, таму каде што се одвивале воени дејствија и се умирало, Втората светска војна завршила на различни датуми (во бивша Југославија последниот куршум е испукан на 11 мај, во Јапонија војната завршува во септември 1945). Тие кои сега морализираат околу непримерното одбележување на јубилејот во Москва (затоа што е завојувана страна во Украина) забораваат на неколку важни факти. Прво, без Црвената армија и нејзиното навлегување во Берлин (каде сега се забранети руски и советски знамиња по повод денот, па дури и поклонување пред спомениците и гробиштата на руските/советските војници) не крајот на војната би дошол многу подоцна. Се смета дека околу 70-80 отсто од германските воени капацитети биле ангажирани на источниот фронт, што на западните сојузници им го оставило полесниот дел од задачата. Во источниот фронт спаѓала и Украина, се разбира – и покрај фактот што дел од населението се придружува на нацистичка Германија, на чело со Бандера (сите сме имале квислинзи). Второ, во западноевропските земји едвај и да имало организиран отпор против нацизмот и пред војната и откако таа дошла пред нивните порти. Повеќето влади биле колаборационистички, а движењето на отпорот слично на она од хумористичната серија „Ало, ало“. Југославија е тука голем исклучок и по отпорот и по жртвите. Сериозни историчари ќе ви кажат дека откако Хитлер и Мусолини застануваат на чело на своите земји, западната буржоазија и водечките политички елити дури и имале симпатии за новите тенденции. Дури во декември 1941 година, Перл Харбор ќе ги натера САД да влезат во војната (благодарение на Јапонија, а не Германија) – инаку ќе си гледале сеир. Несомнено е сепак дека нивното вклучување, заедно со британските сили, имало значаен удел во конечната победа. Факт кој обично се заборава во вакви свечени прилики е тоа што Втората светска војна на Далечниот Исток завршува со воено злосторство. Хирошима и Нагасаки немаат никаква врска со веќе капитулираната и поразена царска Јапонија, туку со еден ужасен експеримент и проектирање моќ во повоениот период. Втората светска војна завршува со најголемо злосторство против човечноста. Од тој момент веќе било јасно дека оној кој не еднаш, туку двапати ќе фрли атомски бомби врз цивилно население, нема да биде миротворец. Затоа, прашање е дали е нешто воопшто научено од историјата? Големиот германски филозоф Хегел бил во право кога кажал дека историјата нè учи дека човекот ништо не научува од неа.
Во изминатите 80 години многу нешта се случија и светот не е ист. Како што и ООН, создадени за да „не се повторат никогаш ужасите од војната“ се наоѓаат во тешка кома. Благодарение на победниците и нивното доминирање во Советот за безбедност. Дали овие 80 години донесоа мир и прогрес? Делумно. И за сметка на многу прокси војни, но не смее да се заборави ни Виетнам, ниту оние западни империјални потфати во Латинска Америка, Африка, Блискиот Исток – и се разбира, во Газа!
Ако некој овде бара „морална чистота“ како услов за да се одбележи денот на победата над фашизмот и покажува со прст кон Путин, тогаш веднаш треба да си стави прст на чело и да се запраша: а кој од западните лидери има чисти раце? Украинците кои цели десет години убиваа руски цивили за да ги „украинизираат“ и уште ги величаа Бандера и неговите кољачи? Зеленски кој е директно одговорен што специјалната воена операција не заврши на месец-два од нејзиниот почеток со мировен договор, затоа што Борис Џонсон и ЕУ го убедуваа дека тој може да ја победи Русија? Европа е целосно ангажирана во милитаризација и превенција на мирот во Украина, а САД (Трамп) се прават на Тошо кога изигруваат миротворци. Оние кои ја почнаа прокси-војната во Украина сега наметнуваат услови за мировен план, како што би рекле ние, во стилот на „како мали Ѓокица замислува мировни преговори“. Германија е најзагрижувачкиот пример, барем ако за миг ги тргнеме настрана Американците. Земјата која всушност е одговорна за почетокот на две светски војни, не само што сега поддржува геноцид божем борејќи се против антисемитизам (и гонејќи ги своите темни историски демони), туку – замислете! – забранува победниците од Втората светска војна да положат венци на гробовите на своите херои. Вили Брант одамна го заборавија. Нема веќе такви како него. Сега се подготвуваат за војна со Русија, користејќи ја Украина. Шефицата на надворешната политика на ЕУ сака да ја види Русија уништена, па дури и се заканува и на Кина, додека данската премиерка тврди дека мирот е поопасен од војната. Лицемерието на САД во оваа мировна фарса е тешко и да се опише.
Одржувањето на парадата и прославата во Москва требаше и може да биде пресвртница. Бидејќи ни за нештата од минатото, ама ни за сегашните случувања, не може да се дојде до завршница (closure and reconciliation) без разговор, без дипломатија, макар и куртоазија. Наместо Брисел да им се заканува за европските лидери кои планираат да одат во Москва, каде веќе се очекуваат кинескиот и бразилскиот претседател покрај останатите државници, тие требаше да испратат делегација. Ова важи и за САД. Зеленски продолжува да биде тажен кловн кога се заканува и вели дека Украина не им гарантира безбедност на присутните на парадата во Москва.
Ако навистина се посветени на мирот во Украина, избегнување на трета светска војна, враќање на дијалогот за нуклеарно разоружување, запирање на трговската војна и санкциите – токму овој повод ќе беше одлична можност за нормализација на односите со Москва, но и подавање рака на земјите кои се собираат околу БРИКС. Замислете сцена на која еден до друг стојат првите луѓе на големите, па и помалите сили во овој растечки мултиполарен свет! Тоа не значи дека проблемите сами ќе се решат, ниту дека нема да има лицемерие и долг пат кон вистински мир. Ама можеше да значи некаков пресврт. И најдолгиот пат почнува со првиот чекор… започнува со понизност кон оние кои ги дале животите за подобар свет, потсетување на слоганот „никогаш повеќе“ за никого.
Веќе сум при крај на текстот, а заборавив дека имав намера да зборувам за македонската надворешнополитичка автономија! Но, тоа не е случајно: станува збор за научна фантастика! Македонските власти се како вејка на ветерот, тие ниту имаат надворешна политика, ниту бараат автономија, ниту носат свои одлуки. Ним им е кажано кои се „нашите“, а кои се „лошите“ и тие се држат за тоа како слеп за стап. Или како Вождот од делото на Радоје Домановиќ. Заборавете на тој дел од приказната бидејќи нема да се случи. На почетокот на мандатот, нашата претседателка се стопи од среќа што присуствуваше на една фарса од мировна конференција за Украина, а за Газа не беше чула ни пред мандатот ни после него. Таа живее во својот „меур“ заштитена од татнежите на глобалната војна и од тежината на воздухот „пред дождот“.
Фактчекерите сега очекувам да ми посветат внимание и да докажуваат дека Македонија го почитува Денот на победата над фашизмот. Погледнете по вестите од изминатите години (јубилејни или не), но сè се сведува на еден блед протокол на положување венци пред споменикот на ослободителите пред зградата на Владата и на партизанските гробишта. Јас барем не слушнав за никаква свечена академија, научна конференција, трибина. Но, велам, не е за чудење: ние како наследници на партизаните го предадовме нивното наследство. Се откажавме и од АСНОМ и од името со кое партизаните гинеа на устите.
Билјана Ванковска