понеделник, 21 октомври 2024

Китови убијци потопиле едрилица кај Мароко. Ја удирале 45 минути

Орките, познати и како „китови убијци“, потопиле едрилица што пловела меѓу Шпанија и Мароко, што е последен во серијата зачестени „напади“ на пловила од летото 2020 година и прв во кој бродот завршил потонат.

Објавено на

часот

Сподели

Едрилицата „Грацие мама II“ потона за време на спасувањето на екипажот во Гибралтарскиот теснец на 31 октомври, објави полската компанија „Морские миле“ на социјалните мрежи.

Компанијата специјализирана за туристички патувања го најави првото потонување на брод во овие води поради напад на орки.

„Едрилицата беше нападната од јато на орки. Тие 45 минути удирале во кобилицата за насочување на бродот, предизвикувајќи сериозна штета и дупки на трупот“, соопшти Морские миле.

Капетанот на едрилицата потоа ја повикал спасувачката служба.

„Капетанот, екипажот, спасувачката служба и членовите на мароканската морнарица се обидоа да ја одвлечат оштетената едрилица до пристаништето Тангер Мед, но таа потона на влезот во пристаништето“, додаваат од компанијата.

Екипажот на едрилицата неповреден и здрав се врати во Шпанија.

Ваквото однесување на орките е засилено од летото 2020 година во водите на Шпанија и Португалија, а научниците се обидуваат да го објаснат овој феномен.

Ева Кјара Карпинели, претседателка на здружението Нереиде, кое го следи движењето на орките и китовите при преминот од Средоземното Море во Атлантскиот Океан, вели дека орките не ги напаѓаат луѓето.

„Тоа се случувало само кога луѓето сакале да им ја одземат слободата, кога се обидувале да ги фатат“, забележува Карпинели во шпанскиот крајбрежен град Тарифа, каде често пливаат орки.

Јата орки мигрираат минувајќи низ тамошните води, каде во последните години има сѐ погуст бродски сообраќај.

„Бродовите кои поминуваат, а притоа не ја почитуваат оддалеченоста од орките и ги вознемируваат, претставуваат опасност за овие животни“, забележува Карпинели.

Во Шпанија, неопходно е придржувањето до со закон утврдената регулатива за приближување. Здружението Нереиде се грижи за заштита на животната средина, за зачувување на животинските и растителните видови и ги учи децата за тоа во училиштата.

„Најголемата опасност за орките, како и сите китови, е загадувањето на морето, климатските промени, поморскиот сообраќај и нивното заловување“, предупредува Карпинели.

Морскиот биолог Бруно Дијаз, директор на истражувачки центар во северниот град Понтеведра, вели дека орките понекогаш едноставно си играат.

„Тие се забавуваат на сметка на екипажот на едрилицата. Кормилото се движи, па затоа и најмногу привлекува внимание под морето. Затоа им е најинтересно и најдостапно на орките за време на нивната забава, која завршува со кршење на кормилото“, објаснува тој.

На едрилиците во многу случаи им биле скршени кормилата.

ЦИРКЕ, организација за проучување и информирање за китовите, соработува со шпанското Министерство за еколошка транзиција околу орките.

Оваа организација собира податоци за движењето на орките и објавува мапа секоја недела, која потоа се доставува до морнарите за да се намали ризикот од средба со нив.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ