Четири шумски пожари во најсеверниот дел на државата, познат како Тексас Панхендл, се разгореа во понеделникот и веќе проголтаа 240.000 хектари земја, соопштија локалните власти.
Тие соопштија дека брзото ширење на шумските пожари е поттикнато од налетите на ветерот меѓу 64 и 96 километри на час и сувите и невообичаено топли временски услови.
Досега 5.000 жители се евакуирани од своите домови, а се очекуваат уште наредби за евакуација бидејќи пожарите продолжуваат да се шират.
Гувернерот на Тексас, Грег Абот, прогласи катастрофална состојба во 60 окрузи во Панхендл.
Многу патишта и автопати во регионот се затворени поради пожари и чад што создава речиси нулта видливост.
Пожарникарите моментално се борат со вкупно 13 шумски пожари низ државата.
Предупредувања за пожари се во сила во сојузните држави Тексас, Оклахома и Канзас.
Пожарите се приближуваат до нуклеарна централа
Нуклеарната централа Пантекс престана да работи бидејќи ѝ се наближува неконтролиран пожар. Во објектот се склопува и се расклопува американското нуклеарно оружје.
„Пожарот што се приближува кон Пантекс е неконтролиран“, напиша компанијата. „Го евакуираме објектот. Пантекс потврди дека пожарот сѐ уште не стигнал до фабриката. Итните служби ја следат ситуацијата на терен. Пантекс додаде дека се грижеле за сите вработени и дека сите несуштински вработени повеќе не се во фабриката.