петок, 18 октомври 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Капиталот говори!

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Еден ден, Метафизичката управа го прогласи Капиталот за говор. Имено, демократијата е слобода, а слободата е пред сè слобода на пазарот и слобода на говорот. Слободата на пазарот во демократските општества го подразбираше древното право да бидеш продаван, препродаван и распродаван од носителите на Капиталот по пазарна (читај: минимална) цена. Слободата на говорот, пак, подразбираше дека можеш да блебеташ за сè и сешто, сè додека не ја оспоруваш слободата на пазарот.

Одеднаш, Апсурдистан стана страшно тивок.

Шљупков, меѓутоа, сакаше да дознае на кое лингвистичко ниво постои во оваа нова реалност. Бидејќи, имено, ако Капиталот е говор, тогаш работниците се неговите пасуси, реченици, зборови… И така, поднесе претставка до Метафизичката управа, барајќи да му се одговори, кој е тој?

Од Метафизичката управа му беше дадена правно-онтолошка поука дека барањето е несоодветно формулирано: имено, Шљупков постои на две рамништа — возвишеното метафизичко рамниште, каде на ниво на монада лебди беспрекорната идеја за неговото височество, граѓанинот Шљупков, кој е трансцендентален, семпитернен et cetera, et cetera… Или, народски кажано, права срцка! Додека, пак, на нивото на појавниот свет, постои работникот Шљупков од крв и месо како најниска материјална проекција на идеалната граѓанска монада Шљупков  — кој, како таков, во говорот на Капиталот е безгласна буква. Или, народски кажано: безгласна буква!

А Друштвото на писателите на Апсусристан, кое секогаш држеше чекор со  метафизиката, во согласност со најновиот декрет на Метафизичката управа воведе задолжителна членарина за сите свои членови. И литературата, како и сè друго, мора да молчи и слуша кога Капиталот говори!

Оттогаш, Шљупков мораше да рецитира стихови во илегала.

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ