вторник, 22 октомври 2024

Кандидатите за претседател на СДСМ ги претставија своите програми во Кавадарци

Од Кавадарци започна караванот за претставување на кандидатите за претседател на СДСМ пред членовите на партија. „Директни, непосредни избори за претседател во кои одлучуваат членовите е придобивка на демократијата, вредност и одлика на СДСМ“, соопшти партијата.

Објавено на

часот

Сподели

„На зборови никој повеќе нема да ни верува, туку на делата. А и со дела ќе треба време да мине за да ја вратиме довербата. Тоа ќе биде ѓаволски тешка работа, но мора така, тоа е изводливо со упорност и работа со членството, рече кандидатот за претседател на СДСМ, Венко Филипче.

Тој смета дека сегашната организациска поставеност на партијата го дала својот максимум, но во некои минати времиња.

„Луѓето бараат нешто ново. Младите бараат нешто ново, не бараат ригидна партиска структура во којашто ќе слушнат наредба во која не учествувале. Сакаат да дадат свој придонес, а ќе дадат свој придонес кога ќе бидат соодветно вреднувани и ќе можат да комуницираат“, рече Филипче.

Според него, најголемиот проблем досега беа затворените врати на СДСМ.

„Ако се отвори партијата, ако се симне структурата кон општинските организации каде што ќе се градат политиките и потоа дојдат до централното ниво каде што понатаму ќе се дообликуваат, тоае вистинскиот пристап. И таква промена не може да се лажира, или ќе се случи или нема да се случи“, рече Филипче.

Кандидатот за претседател на партијата Јован Деспотовски рече дека СДСМ секогаш мора да презентира јасн изграден став за сите прашања.

„Многумина наши членови деновиве ме прашуваат – Ако бидете претседател на СДСМ, каков ќе ни биде ставот по прашањето на уставните измени? Тука сакам да бидам јасен. СДСМ излезе на изборите, кои беа и референдум за некои прашања со една понуда, за која се залагавме три години. Нашиот политички противник даде друга понуда по ова прашање и доби три пати повеќе поддршка од граѓаните. Оттаму, ако сакаме да покажеме, а не само да кажеме дека навистина ја сфативме пораката од граѓаните ќе излеземе и ќе им кажеме на ВМРО ДПМНЕ – Повелете, добивте мандат од луѓето, сработете, дајте го решението да го разгледаме и да дадеме поддршка да се спроведе. Тоа им го должиме на луѓето. Е, тоа е став. Така ќе покажеме дисконтинуитет со досегашните политики“, рече Деспотовски.

Тој вели дека доколку се овозможи фер постапка без наметнати решенија, СДСМ ќе победи на 30 јуни.

„Многу е важен и резултатот од самиот изборен процес на кој луѓето ќе треба да кажат дали се за континуитет или радикален дисконтинуитет со досегашните пракси и политики“, истакна Деспотовски.

Кандидатката за претседател на СДСМ, Славјанка Петровска рече дека со својата програма „Манифест на социјалдемократијата” ветува прогресивни политики во СДСМ како и враќање кон корените на социјалдемократијата.

„Јас сум дете од партијата, сум израснала со СДСМ и ќе делувам кон враќање на СДСМ на власт. Мојот личен интергитет, кредибилитет и чесно работење се особини со кои верувам дека ќе ја вратам довербата во партијата прво кај членовите, а потоа и кај граѓаните на Македонија. Социјалдемократската партија се соочила со многу предизвици, вклучувајќи изборни порази и политички кризи, но мора да остане силна и посветена на својата идеологија​.​ Мора и да се реограгнизира со итни реформи, кои вклучуваат ветинг процеси за избор на чесни и посветени членови на раководството и подобрување на комуникацијата меѓу органите и телата на партијата​​. Треба да се воспостави и академија за социјалдемократија, која ќе овозможи политичка едукација и континуирано градење на политичкиот потенцијал​​“, рече Петровска и во таа насока додаде дека и изборот на советници треба да се организира низ широк процес на учество на сите членови на партијата.

Каандидатот за претседател на СДСМ, Александар Бајдевски рече дека има искуство да ја раководи партијата во која членува од 1995 година. Тој нагласи дека имаше години кога во СДСМ постоеше единство, другарство, солидарност, идеологија, взаемна поддршка, како и мотив и желба за подобрување на состојбите како во партијата така и во државата.

„Тоа е она што ќе тежнеам да се врати преку моето работење. Заедно со мојот тим, ќе се потрудиме да докажеме дека СДСМ има капацитет и потенцијал да биде водечка сила во државата, да ги поправи грешките од минатото и да овозможи подобар живот за сите граѓани. Еден од стратешките чекори што треба да ги направиме е да ја вратиме препознатливоста на СДСМ. Кога некој ќе нé праша за што се бориме, ние мораме да имаме конкретен, јасен и прецизен одговор. За таа цел, потребно ни е враќање на корените, враќање на основните социјалдемократски вредности, слободата, правдата,солидарноста, еднаквите шанси за сите. Иако постои перцепција дека во оваа земја граѓаните не ги интересираат идеологија и вредности, јас цврсто верувам дека мораме да изградиме препознатливост кај гласачите преку нашето опстојување и бескомпромисно залагање за вредностите што ја карактеризираат нашата идеолошка матрица“, нагласи Бајдевски и ја посочи важноста на децентрализација на СДСМ.

За време на претставувањето на кандидатите за претседател на СДСМ од членството кое беше присутно беа поставени голем број на прашања.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ