понеделник, 21 октомври 2024

Канада го ограничува бројот на странски студенти

Канада ќе го ограничи издавањето на меѓународни студентски дозволи и работни дозволи на дел од студентите на постдипломски студии во следните две години поради рекордниот број на новопристигнати што ја влошува станбената криза, објавија канадските власти.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Се очекува оваа одлука да резултира со намалување на издадените студентски дозволи на 360.000 веќе оваа година, што е за 35 отсто помалку од лани, соопшти Министерството за имиграција.

Ресорниот министер Марк Милер рече дека федералната влада ќе соработува со покраините, во чија надлежност се образовните системи, за да ги спроведат наведените ограничувања. Како причини за нивното воведување тој ги наведе „заштитата на правата на студентите од универзитетите кои даваат несоодветни услуги по многу високи цени“ и „зголемениот притисок врз домувањето“.

„Зголемениот број на странски студенти, како и брзиот раст на населението поттикнат од имиграцијата, вршат зголемен притисок врз домувањето, здравствениот систем и другите услуги“, рече Милер, додавајќи дека помалиот прилив на луѓе ќе помогне да се намалат цените на киријата.

Прашањата за домувањето и социјалните услуги влијаеја врз рејтингот на либералниот премиер Џастин Трудо, за кој анкетите не предвидуваат нов мандат доколку изборите би се одржале утре.

Во третиот квартал од минатата година, Канада забележа најбрз раст на населението во последните шест децении, додека бројот на привремени жители, главно студенти, е зголемен за околу 313 илјади, најмногу во последните пет децении.

Канадската федерација на студентски здруженија ја критикуваше одлуката на федералната влада.

„Најголемиот проблем е што ограничувањето беше наведено како реакција на станбената криза“, рече претставникот на сојузот Матеуш Салмаси, кој решението го гледа во зголемување на сместувачките единици наменети токму за странските студенти.

Од друга страна, Универзитетот во Торонто го поздрави објавувањето на ограничувањата и најави дека ќе работи со сите нивоа на власта на новата политика за издавање дозволи за студирање.

„Измените се насочени кон решавање на злоупотребите во системот од одредени актери и немаат намера негативно да влијаат на универзитетите како што е нашиот“, се вели во соопштението на Универзитетот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ