среда, 23 октомври 2024

Камала Харис обезбеди доволен број гласови од делегатите за претседателска номинација

Американската потпретседателка Камала Харис ја обезбеди поддршката од мнозинството делегати на Демократската национална конвенција за да стане демократски кандидат за претседател на САД, рекоа извори.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Анкетата на Асошиетед прес меѓу делегатите демократи покажа дека таа може да има поддршка од 2.538 делегати, што е многу повеќе од 1.976 потребни за победа на делегатското гласање следната недела. Претседателот на Демократскиот национален комитет Џејми Харисон изјави денеска дека партијата ќе номинира претседателски кандидат до 7 август.

Делегатите сè уште можат да се предомислат пред 7 август, но никој друг не доби ниту еден глас во анкетата на АП, а 57 делегати рекоа дека се неопределени.

Претседателот Џо Бајден ја поддржа Камала Харис во неделата кога тој се повлече од трката поради прашањата за неговата возраст и здравје. Тој вети дека ќе остане на функцијата до истекот на мандатот на 20 јануари 2025 година.

Во своето прво појавување во јавноста по објавувањето на кандидатурата, Харис ги собра поддржувачите во понеделникот и во својот деби говор во предизборната кампања вети дека ќе го гони републиканскиот кандидат Доналд Трамп како обвинител во судница.

„Сум тужела криминалци од секаков вид. Предатори кои злоупотребувале жени, преваранти кои ги краделе потрошувачите, измамници кои ги прекршувале правилата за своја корист“, изјави Харис пред предизборниот персонал 28 часа откако претседателот Џо Бајден (81) се откажа од трката за Белата куќа 2024 година и ја поддржа.

„Затоа, слушајте ме кога ви велам дека го познавам типот на Доналд Трамп. Со гордост ќе го ставам своето досие против неговото во кампањата“, рече Харис, која беше државен обвинител на Калифорнија и американски сенатор пред да стане потпретседателка на Бајден.

Кампањата на Трамп одговори на нејзините коментари тврдејќи дека „Камала Харис е исто толку неспособна како Џо Бајден, па дури и полиберална“, според Каролин Левит, националниот секретар за печат на кампањата. „Не само што Камала мора да ја брани својата поддршка за неуспешната програма на Џо Бајден во изминатите четири години, таа треба да одговара и за своето неверојатно лошо справување со криминалот во Калифорнија“.

Трамп треба да биде осуден во септември, откако беше прогласен за виновен за фалсификување деловни досиеја за да скрие тајни плаќања во готовина на порно ѕвезда. Тој, исто така, се соочува со кривични пријави поврзани со напорите да ја поништи победата на Бајден во 2020 година, кога тој лажно тврдеше дека изгубил поради изборна измама.

Закрепнувајќи од ковид во својот дом во Делавер, Бајден зборуваше на митингот на својата потпретседателка.

Бајден рече дека мисли дека ја донел вистинската одлука со повлекувањето од кандидатурата. Бајден, најстариот човек кој ја заземал Овалната соба, во неделата рече дека ќе остане на функцијата до истекот на неговиот мандат на 20 јануари 2025 година.

Харис (59) изнесе низа политики што вети дека ќе ги спроведе, вклучително и потпишување закон за заштита на правата на абортус и забрана на јуришни пушки, и рече дека обновата на средната класа ќе биде во фокусот на нејзиното претседателствување.

Кампањата на Трамп со недели се подготвуваше за нејзиното можно искачување, изјавија извори за Ројтерс. Вчера испратија детална критика за нејзините постапки во врска со имиграцијата и други прашања, обвинувајќи ја дека е полиберална од Бајден.

Трамп, чии лажни тврдења дека неговиот пораз во 2020 година од Бајден е резултат на измама, поттикнаа напад на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, во понеделникот го доведе во прашање правото на демократите да ги менуваат кандидатите. „Тие му ја украдоа кандидатурата на Бајден откако тој победи на предизборите“, рече Трамп на својата платформа Трут соушл.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ