„Па затоа во наш интерес да се намалат тензиите. Во наш интерес е тие да бидат со нас и затоа сум подготвена да вложам време во тоа“, истакна Калас.
Таа нагласи дека од една земја кандидат за членство на ЕУ се очекува да ги почитува принципите на добро владеење, владеење на правото и борбата против корупцијата, како и на правото на собирање и протести.
„Луѓето имаат право на мирен протест. Мислам дека е многу важно овие протести да не бидат на никаков начин насилно задушени“, наведе Калас говорејќи за протестите во Србија.
Според неа, српските граѓани имаат право мирно да протестираат за правда и останува на српскиот народ да одлучи за иднината на Србија.
Во врска со дијалогот Белград-Приштина, Калас потенцира дека е јасно оти нормализацијата на односите им потребна и на „двете земји“.
„Може тие мислат дека можат да тргнат по европскиот пат без нормализирање на нивните односи, но јас не гледам дека е тоа можно“, изјави Калас, додавајќи дека од српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ добила уверување оти Србија навистина е подготвена да посвети време на нормализацијата.
Високата претставничка нагласи оти „слуша и критики“ за сегашниот формат на дијалогот меѓу Белград и Приштина, па е подготвена да види што може да се направи и околу тоа.
Според неа, се поголем проблем се и обидите за користење на интернет платформите за манипулирање, пред се со изборните процеси, како што беше случајот со претседателските избори во Романија, кои, како што рече, беа откажани поради дезинформациите.
„Романија не е изолиран случај. Европа се соочува со нагло зголемување на дезинформациите. Значи, ние како Европска служба за надворешни работи (ЕЕАС) активно ги следиме и разоткриваме кампањите за дезинформации и промовираме дигитална писменост за да им помогнеме на граѓаните да ги препознаат лажните вести“, нагласи Калас,
Таа истакна дека кога станува збор за подложноста на дезинформации поголем проблем се постарите луѓе кои се навикнати „да веруваат во она што било на вестите“.
„Го имаме Законот за дигитални услуги кој им наложува на платформите навистина да преземат активности против илегалните содржини и дезинформациите. Законот за дигитални услуги е тука и треба да се применува. Во тек се постапки, но чувствувам дека треба да се движиме побрзо за да појасниме зошто ги имаме овие правила и да ја заштитиме нашата демократија, која постојано и се повеќе е напаѓана“, додаде Калас.
Говорејќи за односите ЕУ-САД, Калас во интервјуто потенцира дека за Унијата е важно Вашингтон да остане нејзин најблизок сојузник, затоа што, како што нагласи, јасно е дека заедно сме посилни.
„Односите со новата администрација ги градиме на различни нивоа за да слушнете кои се нивните грижи, а исто така да ги разгледаме ги нашите грижи околу тоа што би можеле да направиме заедно за глобалните прашања“, рече Калас.
Таа потсети дека вчера заедно со претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен имаше средба со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, на која се разговарало за различни теми.
„Се разбира, разговараме за Украина и пристапот на Америка кон оваа војна. Она што мислам дека е нашата сила како Европа, е тоа што сме предвидлив и доверлив партнер. Покренуваме прашања во врска со одбраната, но и во врска со Украина и плановите околу неа, нагласувајќи дека Европа треба да биде на масата и да разговара, бидејќи сите резултати (од разговорите) ќе влијаат или многу ќе влијаат на она што се случува во Европа“, додаде Калас.
Таа најави и дека ќе се сретне со американскиот државен секретар Марко Рубио, со специјалниот претставник на САД за Украина, како со советникот за национална безбедност на Белата куќа.
„За овие прашања ќе разговарам и со нив и ние ја градиме меѓусебната врска“, рече Калас, додавајќи дека можеби ЕУ и САД гледаат различно на некои работи, но дека тие може да се разјаснат ако се разговара.
Во врска со Украина и најавите на САД за планови за ставање крај на конфликтот, Калас потенцира дека ЕУ внимателно ги слуша изјавите што доаѓаат од Вашингтон, но дека не реагира секогаш на нив.
„Украина е суверена земја со свој територијален интегритет, а меѓународното право вели дека тој секогаш треба да се штити. Значи, ова е јасно“, додаде Калас.
Таа нагласи дека САД прашуваат кои се ставовите на ЕУ во однос на Украина, како таа гледа на исходот од конфликтот, но и за можните замки што ги поставува Русија, која, според Калас, во моментов не сака мир.
„Она што е важно и што јас исто така го нагласив, е дека Европа мора да биде слушната за каков и да е договор… Значи не можете да го постигнете договор, без Европејците или Украинците“, потенцира Калас.
Кога станува збор за настаните на Блискиот Исток, Калас потсети дека Европска Унија поддржува мировното решение според моделот за две држави – Израел и Палестина.
„Израелците се загрижени за нивната безбедност, но без почитување на правата на Палестинците, нема да има никаква безбедност за Израел“, истакна високата претставничка на ЕУ, додавајќи дека сега кога е воспоставен прекин на огнот, треба да се работи на постигнување одржлив мир.
Таа потенцира дека ЕУ, но и сите актери во регионот на Блискиот Исток ја отфрлаат идејата за Газа што ја најави американскиот претседател Доналд Трамп.
„Газа ќе биде дел и од идната палестинска држава. Она што е јасно е дека луѓето не можат да се преселат насилно и секое одземање на нивното земјиште би било илегално. Тоа се нашите позиции“, додаде Калас.
Од тој аспект, според неа, главно прашање е идното управувањето со Газа, бидејќи Појасот никогаш повеќе „не смее да стане засолниште за терористите“.
„Мислам дека е во интерес и на регионалните актери Европа да е на масата за да разговара за управувањето со Газа, бидејќи тоа е еден од клучните елементи за одржлив мир“, рече Калас, потенцирајќи дека Унијата навистина се обидува да има свој претставник таму, кој ќе „го изрази гласот на разумот“.
Во однос на Сирија, Калас оцени дека интерес на земјата и на сирискиот народ е таму повеќе да нема нови конфликти.
„Се разбира состојбата е кревка, но мислам дека немаме друг избор освен да им дадеме малку простор да се обидат да ја изградат земјата и во исто време да сигнализираме дека никој друг нема да го искористи новото сириско раководство или влада за да го наметне своето влијание“, порача Калас.
Во врска со одлуката на САД да ги запре исплатите на развојна помош во странство, Калас потенцира дека ЕУ не може автоматски да го покрие тој недостиг со европски пари бидејќи ги нема тие средства, нагласувајќи при тоа дека многу од тие организации на кои им е ускратена американската поддршка добиваат значителни средства од Европската Унија, но оти никој не знае за тоа.
„Ние стоиме со наша помош зад тие организации и мислам дека ова навистина е можноста да се ‘истакне европско знаме’ со цел луѓето да знаат за тоа“, рече Калас, оценувајќи дека тоа е и можност ЕУ да ја зголеми својата геополитичка моќ.
Во однос на глобалното влијание на ЕУ, Калас изјави и дека кога ја презела сегашната функција ги задолжила нејзините служби да ги мапираат сите земји во светот кои последните три години не биле посетени на високо ниво од претставници на европските институции или на земјите членки.
„Видовме дека Супсахарска Африка, Латинска Америка и Пацификот се главно црни точки. Затоа дадов мандат да го покриеме сето тоа. Побарав од министрите за надворешни работи, но и од комесарите да одат на различни места“, додаде Калас во интервјуто за ЕНР.