вторник, 25 март 2025

Американскиот министер за одбрана: Враќање на Украина на границите од 2014 не е реално

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет упати порака до сојузниците од НАТО дека американски војници нема да учествуваат во идната мировна мисија во Украина. Тој порача и дека заштитата на членот 5 на НАТО, според кој Соединетите Држави гарантираат одбрана ако некоја од членките е нападната, не би требало да важи за европските сили кои би биле распоредени во Украина за да се обезбеди мир по војната.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Хегсет истакна дека Украина уште сега би требало да прифати договор и да се откаже од амбициите за враќање на сите окупирани територии како и од членство во НАТО.

Министерот за одбрана е првиот висок функционер на владата на претседателот Доналд Трамп кој го посети седиштето на НАТО, каде се сретна со украинскиот министер за одбрана и други клучни функционери пред третата годишнина од почнувањето на конфликтот. Неколку стотици километри подалеку, потпретседателот на САД Џеј Ди Венс би требало подоцна неделава да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски на Минхенската безбедносна конференција за да разговараат за визијата на Трамп за мировен договор.

Украинските и НАТО функционерите веќе некое време се подготвуваат за можноста Вашингтон да ја скрати воената помош на Киев и потенцијално да го присили на територијални отстапки кон Русија.

„Сите сакаме суверена и просперитетна Украина, но мораме да признаеме дека враќање на границите од 2014 е нереалистична цел“, кажа Хегсет. „Бркањето на таа илузорна цел само ќе ја продолжи војната и ќе предизвика поголемо патење“.

Хегсет кажа и дека мерките на Трамп за намалување на цените на енергијата ќе ја ослабат руската воена машина и ќе помогнат во доведувањето на рускиот претседател Владимир Путин на преговарачка маса. Според него, идниот мировен договор мора да вклучува „робусни безбедносни гаранции“ за Украина, поддржани од „способни европски и неевропски воени сили“, но не преку членство во НАТО ниту со присуство на американски трупи на теренот.

„Ако војници од НАТО земјите бидат распоредени во Украина како мировни сили, тоа мора да биде дел од мисија надвор од рамките на НАТО, а членот 5 не смее да се применува за нивна заштита“, истакна американскиот министер.

На крајот на своето обраќање Хегсет кажа дека Европа мора да го преземе најголемиот дел од идната воена и хуманитарна помош за Украина. Тој предупреди дека стратегиската закана од Кина повеќе не им дозволува на САД да бидат главно фокусирани на безбедноста на Европа.

„Соединетите Држави остануваат посветени на НАТО сојузот и одбранбеното партнерство со Европа. Но повеќе нема да толерираме нерамнотежа кој поттикнува зависност“, заклучи Хегсет.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ